Лидерите на групата седум индустриски најразвиени држави (Г-7) денеска ќе одржи виртуелен самит, на кој ќе се дискутира за најновите случувања во Украина, јави Њујорк тајмс. Вашингтон пост јави дека на состанокот треба да се обрати украинскиот претседател Володомир Зеленски. Во Г-7 членуваат САД, Канада, Велика Британија, Германија, Франција, Италија и Јапонија.
Претседателот на Русија, Владимир Путин нареди ракетни удари на најмалку 10 украински градови, вклучително и Киев, во обемен напад врз граѓански објекти и енергетска инфреструктура. Нападите се случуваат два дена по експлозијата и делумното уривање на мостот што го поврзува полуостровот Крим, анектиран од Москва во 2014 година, и копнениот дел на земјата.
Нападите убија најмалку 11 лица, јави официјален Киев.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека разговарал со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба и дека ја потврдил поддршката на САД за Украина по „страшните напади” од Русија.
„Ќе продолжиме да обезбедуваме непоколеблива економска, хуманитарна и безбедносна помош за Украина да може да се брани и да се грижи за својот народ”, напиша Блинкен во објавата на Твитер.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека е „шокирана и згрозена” од руските ракетни напади врз многу украински градови, јави ДПА.
– Русија уште еднаш му покажа на светот што претставува: терор и бруталност – рече Фон дер Лaјен во естонскиот град Нарва, во близина на границата со Русија.
– Сторителите мора да одговараат. Ние жалиме за жртвите и упатувам најдлабоко сочувство до нашите украински пријатели. Знам дека Украинците нема да бидат заплашени и ќе стојат на својот став се додека е потребно – додаде таа.
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска, реагирајќи на утринскиот огромниот ракетен напад врз украински градови, ги осуди „намерните напади насочени врз цивили”.
– Ова претставува фундаментална промена во природата на оваа војна – изјави Макрон за новинарите за време на патувањето во францускиот регион Мајен.
Макрон додаде дека веднаш по неговото враќање во Париз, ќе се сретне со своите воени и дипломатски советници и ќе разговара за рускиот ракетен напад врз Украина, во кој загинаа најмалку 11 цивили, а повеќе од 60 се ранети.