Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја прими наградата „Карло Велики“ доделена нему и на украинскиот народ за нивните напори да се спротивстават на руската инвазија врз нивната земја, опишувајќи ја како „голема чест“.
Обраќајќи им се на присутните во својот говор за време на церемонијата на доделувањето на наградата во западниот германски град Ахен, Зеленски рече дека стои таму за Украинците кои секојдневно се борат за својата слобода и за вредностите на Европа.
– Секој од нив заслужува да застане овде – рече Зеленски.
Украинскиот претседател истакна дека Украина не сака ништо повеќе од мир – но тоа може да се постигне само со победа во сегашниот конфликт.
– Војната во Украина, исто така, ќе ја реши судбината на Европа, рече тој, затоа што Русија, која е способна за секаква суровост и злобност, има намера да ја поништи историјата на европското обединување – изјави Зеленски.
Германскиот канцелар Олаф Шолц му се заблагодари на украинскиот претседател Володимир Зеленски за одбраната на европските вредности во контекст на инвазијата на Русија врз Украина.
Шолц, за време на доделувањето на наградата Карло Велики на украинскиот лидер во германскиот град Ахен, потсети како Зеленски ја покажал украинската решителност со силни зборови утрото на рускиот напад.
– Претседателот е тука. Сите сме тука. Ретко во историјата толку куси зборови имаа толку голем ефект, – рече Шолц на украински, цитирајќи ја првата видеопорака на Зеленски по инвазијата.
Тој го опиша доделувањето на наградата Карло Велики на Зеленски и неговиот народ како увертира за понатамошен заеднички раст во Европа.
– Ако Владимир Путин веруваше дека може да употреби сила за да ја одврати украинската нација од нејзиниот пат кон Европа, тогаш тој – со сите негови тенкови, дронови и ракетни фрлачи – не направи ништо друго освен спротивното. Волјата за слобода и издржливоста во мрачните времиња даваат надеж и инспирација многу подалеку од Украина. На чело на целиот украински народ, вие ги браните вредностите за кои се залага Европа – рече Шолц.
При доделувањето на наградата претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен им оддаде почит на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
– Тие буквално се борат за слобода, хуманост и мир -ече фон дер Лајен за време на церемонијата на доделување на наградата во западниот германски град Ахен, пренесе ДПА.
Со својата крв и својот живот, тие ја обезбедуваа иднината на своите, но и на другите европски деца, рече првата жена на ЕУ, пофалувајќи го Зеленски за неговото безусловно верување дека оние кои се бореле за нешто секогаш биле посилни од оние кои сакале да го наметнат својот јарем на другите.
Фон дер Лајен се потсети и на нејзиното прво патување во Украина по почетокот на руската инвазија минатата година.
– Ги видов масовните гробници до црквата, вреќите со тела лежат блиску една до друга. Никогаш нема да ја заборавам сликата на безбројните свеќи кои ги претставуваат животите на татко, мајка, син, ќерка, брат или сестра, бесмислено изгаснати, – рече таа мислејќи на нејзината посета на киевското предградие Буча, кое беше окупирано од руските војници во пролетта 2022 година.