Украинскиот претседател Володимир Зеленски беше во обиколка на линијата на фронтот во регионот Доњецк во источна Украина, соопшти Претседателството.
Шефот на државата „ги посети првите позиции во одбранбената зона Вугледар-Маринка, каде со месеци се водат битки со руската армија“, се наведува во соопштението на Претседателството, во кое има и фотографии од Зеленски со војници.
На тие фотографии Зеленски е со цивилни и воени функционери и се ракува со нив.
Зеленски се сретна и со маринците по повод Денот на овие сили, кој денеска се одбележа во Украина, а на војниците им додели државни одликувања, како и најава за формирање на неколку нови бригади на овие единици.
„Секој ден на бојното поле маринците докажуваат дека се моќна сила која го уништува непријателот, ги ослободува украинските земји и ги извршува најтешките задачи во најтешки услови. И ни требаат повеќе такви сили“, рече Зеленски.