Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вечерното обраќање се осврна на актуелните настани во Русија.
Тој рече дека оваа ситуација покажува дека Русија е во целосен хаос и му порача на Западот дека сега е добро време да испрати оружје во Украина.
Зеленски оцени дека бунтот на платеничките трупи на Вагнер во Русија го разоткри целосниот хаос во земјата.
– Денес светот може да види дека господарите на Русија не контролираат ништо. Воопшто ништо. Едноставно, целосен хаос. Отсуство на каква било предвидливост – рече Зеленски во своето видео обраќање.
Тој потенцираше дека Украинците нема да молчат, нема да останат неактивни и дека „безбедноста на источното крило на Европа зависи исклучиво од нашата одбрана“.
Обраќајќи му се на Путин, Зеленски рече: „Колку подолго вашите војници ќе останат на украинска територија, толку повеќе ќе ѝ донесат уништување на Русија“.
– Тој знае од што се плаши бидејќи сам ја создаде оваа закана. Сето зло, сите загуби, сета омраза – тој е оној што ја шири – рече претседателот на Украина.
Зеленски додаде дека „сите руски бандити, платеници и олигарси“ виделе колку е лесно да се „окупираат руските градови“.
Украинскиот претседател уште еднаш ги повика западните партнери да ја поддржат Украина и да ѝ помогнат да ја „заштити Европа“ со авиони и оружје.