Кулминира револтот на здравствените работници поради неисплатените плати. Ако до понеделник до 15 часот нема пари на сметките на сите вработени во Клиничките центри и болници, во среда докторите, сестрите, болничарите и останатиот медицински кадар ќе излезат на протест, без разлика и во вторник да им се пушти плата, објави Сител.
– Ние како што рековме, ќе почитуваме како што вети директорката на Фондот и до понеделник до крајот на работното време ќе чекаме да биде исплатена платата. Доколку платата не биде исплатена, ние во вторник ќе го свикаме ИО и Советот на Синдикатот и најверојатно во среда ќе договориме протест, независно дали во вторник ќе префрлат плата протестот во среда ќе се одржи, изјави д-р Горан Беговиќ, претседател на Самостојниот синдикат на вработените во Клиничките центри.
Трпението е при крај и кај членството на најголемиот Синдикат при ССМ. Тие во понеделник ќе одлучуваат какви чекори ќе преземат, но доколку до тогаш до 12 часот на пладне не добијат гаранции дека платата ќе биде пуштена, не се исклучува идната недела да има генерален протест на вработените во сите Јавни здравствени установи.
– Како самостоен Синдикат од 10 февруари до сега го покажавме нашето трпение имајќи ја во предвид ситуацијата на блокираниот систем на ФЗО, но трпението е при крај и затоа како самостоен Синдикат на здравството продолжуваме да вршиме притисок за што побрзо изнаоѓање на решение, она што го бара нашето членство, изјави д-р Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.