Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) информира дека денеска завршува редовната грејна сезона, како и дека доколку има поладни денови до крајот на месецов на дневно ниво ќе се одлучува дали ќе има греење и тоа врз основа на прогноза на Управата за хидрометеоролошки работи.
„Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) ја информира јавноста дека согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија заклучно со денеска 15 април завршува редовната грејна сезона. Во останатите денови до крајот на април, согласно Правилата со цел да им се овозможи комфор на граѓаните доколку има поладни денови, ќе се одлучува на дневно ниво дали ќе има греење врз основа на прогноза која УХМР ја доставува“, се вели во соопштението од РКЕ.
Доколку УХМР достави прогноза во која се предвидува средна надворешна температура за следниот ден да е помала или еднаква на 12 степени Целзиусови, топланите се должни да испорачуваат топлинска енергија до потрошувачите.