Мрежата за заштита од дискриминација Ве поканува на конференција на 30.10.2023 (понеделник) со почеток од 10.00 часот во хотел Арка, Скопје. Конференција е посветена на потребите од унапредување на родовата еднаквост во време на намалена политичка волја и антиродови кампањи кои сѐ повеќе го наметнуваат дискурсот служејќи се со пропаганда, дезинформации и говор на омраза.
На првиот панел ќе зборуваме за дискриминацијата кон жените од руралните средини, со фокус на нивното исклучување од правото на платено отсуство поради раѓање, бременост, мајчинство, болест и повреда. На панелот ќе биде промовирано документарното видео изработено во соработка со Види Вака „Земјоделки- светулки на маката и ќе бидат презентирани клучните наоди и заклучоци од анализата „Меѓународни стандарди и компаративни практики за остварување на правото на парични надоместоци заради привремена спреченост за работа поради болест, повреда, бременост, раѓање и мајчинство“. И покрај тоа што повеќе од 70 здруженија и мрежи побараа законско решавање на овој проблем, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утвдри дискриминација и препорача на надлежните министерства да направат законски измени, а Собранието едногласно го поддржа законското решение, веќе пола година Комисијата за здравство не го става законот на дневен ред.
Вториот панел е насловен „Влијанието на антиродовите кампањи кон политиките за унапредување на родовата еднаквост“ и има за цел да ја прикаже состојбата со антиродовите движења и опасностите од нивното влијание кон политиките за родова еднаквост и недискриминација. Кревката политичка волја по прашањата за родова еднаквост дополнително исчезна под влијание на антиродовите дивижења, каде Македонската православна црква ја гледаме како клучен актер. Оттука, на панелот ќе се дискутира за потребите од дополнителна мобилизација и градење на резилиентност на движењето за родова еднаквост и донесувачите на одлуки со цел продолжување на напорите за унапредување на женските права, сексуалното и репродуктивно здравје и правата на ЛГБТИ луѓето.