Судот им ги потврди доживотните затворски казни на обвинетите Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ. По убиството, во Косово побегнаа Алил Демири и Африм Исмаиловиќ и сега се отвора прашањето дали сега кога заврши и повтореното судење за „Монструм“, конечно ќе ги екстрадираат во Македонија, објави СДК.мк.
Петкратното убиство кај Смиљковско Езеро во 2012 година останува терористички акт, а Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ ги убиле четирите момчиња на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и Борче Стевковски, 45 години, од селото Црешево. Според објавената пресуда на сајтот на Апелација, жалбите на петтемина обвинети се одбиваат, се потврдуваат казните, од кои три се доживотна робија.