Завесата ќе се крене со претставата „Хинкеман“ во режија на Тамара Стојаноска

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Театарски настани, претстави и работилници ќе се одржат во рамки на 49. издание на фестивалот Млад отворен театар (МОТ) кој ќе се одржува од 15 до 21 ноември во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

Ова издание на фестивалот ќе се отвори со минатогодишните победници, независната продукција, театарот „Златен Елец“ и нивната нова претстава „Хинкеман“ по текст на Ернест Толер, во режија Тамара Стојаноска.

– Иако се осамени како независен театар на репертоарот, сепак, по регионалните награди, тие ја заслужија сцената и завесата на МОТ ќе се крене со нивната нова премиера. Антивоената тема која се провлекува во нивната претстава го најавува и мотивот на годинешниот МОТ – велат од МКЦ.

Претставата „Хинкеман“ ги истражува бруталните сили што управуваат со нашиот свет – војните, социјалните неправди и немилосрдните системи на економска моќ што ја ловат работничката класа. Таа ерупција на омразата меѓу луѓето и нациите е препознатлив знак на духот на времето во кое живееме и денес, се додава во најавата.

– Во време кога светот се соочува со две војни, програмата на овој МОТ го изнесува својот активистички став со кој во фокус ги става темите кои го запалија светот, а во нашето општествено политичко секојдневие не добиваат соодветно значење – вели Русе Арсов.

Осаменоста на човекот во таков пејзаж е доволно податлива, сметаат од фестивалот, за со неа да се бави претставата „Без крв“, која е продукција на двегодишниот меѓународен проект „Манифест“, копродукција на Драмски театар – Пловдив и Народниот театар „Јордан Хаџиконстантинов – Џинот“ од Велес.

– Воената тема пластично ќе ја доловат шесте брилијантни актерки од Украина кои ќе ги раскажат своите приказни распнати меѓу војната и нивните секојдневни животи и нивните семејства и за тоа како оваа состојба го има променето нивниот однос кон животот во перформансот „Танцот на смртта“ на Ле Пре/Дак Театар – посочуваат од МКЦ.

Перформансот е создаден кратко по почетокот на руската воена агресија и во моментов овој музичко – театарски проект ужива огромна популарност, а негови членови се дел од музичкото фрик – кабаре „Ќерките на Дак“ (Dakh daughters) од Киев.

– Додека светот гори во глобален контекст, на локално ниво ние водиме војна за МОТ. Се бориме и со минимум буџет покажуваме дека МОТ не е осамен, бидејќи солидарноста на глобалната МОТовска мрежа го овозможува и ова 49. издание на фестивалот. Инстинктот за преживување е силен, еднаков како љубовта која го шири овој МЛАД „средовечен“ фестивал – потенцира Арсов.

- Advertisement -
Ad image

Надвор од ова тематско боење на фестивалот, додаваат од МКЦ, на МОТ ќе ги има „Скринејџери, втор дел“ – рефлексивен мјузикл од Франција кој се обидува да одговори на прашањето каква трага остава дигиталниот хаос на нашата психа и фантазија, за да сме способни да го впиеме сето тоа „скролајќи“ надолу. Потоа, додаваат дека гостува најнаградуваната претстава во историјата на Новосадско народно позориште „Ана Каренина“, во режија на Дејан Пројковски, која како што велат тие беше прогласувана за апсолутен победник на неколку регионални фестивали.

– Присуството на Креативниот центар Крушче на Томи Јанежич, со делото „Куќа, дом“ на Катја Легин ни дава можност за доживување на театарот во автентичен простор за темата, овој пат куќа/дом на непозната локација во Скопје, за која публиката која има билет ќе добие адреса дополнително – информираат од МКЦ.

Театарот „Промена“ од Србија доаѓа со монодрамата „Мајорот и Хелена“, која е авторски проект на Алекса Јовиќ и ја обработува приказната на транс-родовата жена и нејзината храброст во конзервативното општество.

- Advertisement -
Ad image

Додека пак, „Сѐ што е важно“ е интерактивна претстава на театарот „Арисандмарта“ од Грција, кој, според организаторите, ќе ги донесе белешките за изведување на пријателство низ сценски движења на кои публиката ќе биде сведок.

Понатаму, театарскиот режисер и драмски писател Јари Јутинен, уметнички директор на „sadsongskomplex:fi“ од Финска, ќе биде домаќин на разговорен мастерклас за професионалци во театарот и студенти што ги истражуваат „зошто“, „кој“ и „како“ на меѓународната соработка.

– Со него заедно ќе испитаме зошто глобалните партнерства се важни во театарскиот свет, или пак, дали се? – најавуваат од МКЦ.

Целосната програма и распоред на фестивалот можат да се погледнат на официјалната страна на фестивалот, а билетите можат да се набават преку билет сервисот на МКЦ.

Фестивалот е поддржан финансиски од Министерството за култура и туризам, Градот Скопје и од Францускиот културен центар во Скопје.

Share This Article