Зорица Руман од Стара Пазова го опиша својот последен ден со ќерка си, како и нејзините последни зборови непосредно пред тешката несреќа во Нови Сад, објави српски Телеграф.
– „Преживеав, стигнав во Нови Сад“, е пораката што ми ја испрати Анџела кога од Стара Пазова пристигнала во Нови Сад со воз. Подоцна ми се јави и разговаравме, но среде разговор таа стана недостапна, во тој момент паднала натстрешницата – со грутка во грлото Зорица ја започнува својата приказна.
Анџела во петокот, неколку минути претпладне, на таа станица чекала автобус со нејзиното момче, 21-годишниот Милош Милосављевиќ од Кничанин, кој исто така починал.
– Ја разбудив тоа утро за да не задоцни на возот бидејќи претходно се договорила со Милош да се сретнат во Нови Сад, па да одат во неговото село и да му го прослават роденденот. Анџела беше срамежлива, некако плашлива. Никогаш претходно не патувала сама, па ми рече: „Се плашам да одам сама, што ако некој ме малтретира во возот?“ – раскажува Зорица.
Таа продолжува со сеќавањето на денот кога го изгубила детето.
– Ја убедив дека нема од што да се плаши и дека можеме да разговараме на телефон цело време додека патува. Отиде до станица, ме искара „дека дошла рано и дека мора да чека воз“ – вели мајката на починатото девојче.
Неутешната Зорица вели дека се допишувале додека Анџела се возела.
– Таа дојде во Нови Сад, ми напиша дека е жива и дека преживеала. Јас ѝ одговорив: „Секако дека си, нема од што да се плашиш“. Потоа ги повика татка си и сестра си, а потоа ме повика и мене. Таа ми кажа дека Милош, нејзиното момче, сè уште не дошол, а јас се пошегував: „Пиши му дека ако не дојде за една минута, ќе се вратиш дома“. Таа се смееше. Продолживме да разговараме и наеднаш таа стана недостапна. Мислев дека се нашла со Милош – вели мајката.
Зорица Руман вели дека нејзината Анџела им била поддршка и секогаш била добра со сите, ставајќи се на последно место.
– Таа ни беше поддршка. Таа нè врза некако. Голема емоција. Се трудеше да им угоди и да им помогне на сите, но секогаш се ставаше на последно место. Секогаш сакаше да ги израдува сите – вели Зорица.
Мајката додава дека Анџела неодамна прославила годишнина од врската со настраданиот Милош, на 13 октомври биле заедно една година. Тие прекрасно се согласувале и имале планови за иднината. Милош сакал да ја запроси на свадбата на сестра си која била закажана за следното лето.
Веста за падот на натстрешницата на Железничката станица ја видела на социјалните мрежи и веднаш повторно ѝ се јавила на Анџела.
– Таа не одговори. Мислев дека не го слуша телефонот, но имав лошо чувство… Оттогаш почна нашата агонија – вели Зорица.
Зорица не сакала да поверува дека станува збор за ќерка ѝ, дури и кога ги видела иницијалите на жртвите.
– Околу 17 часот ги видовме иницијалите на жртвите, сѐ се поклопи, но не сакав да верувам дека се тие… Во исто време почувствував некој немир во телото – се присетува таа и додава дека полицаец потоа ѝ изразил сочувство.
Таа вели дека нејзиниот сопруг се онесвестил кога слушнал дека ја изгубиле ќерката.
Семејството Руман во саботата било во Институтот за судска медицина за да го идентификува телото.
– Ја видов. Чувството е како… Гледате во нешто и не можете да верувате во тоа што го гледате. Сакав да го видам и Милош. Според повредите кои ги имале, се чини дека Милош ја заштитил Анџела. Веруваме дека се фрлил за да ја заштити – вели Зорица.
За потсетување, на 1 ноември околу пладне, при пад на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад загинаа 14 лица, а тројца беа тешко повредени.