Обвинителство во фаза на завршни зборови направило преквалификација на делата за преостанатите тројца обвинети за случајот „Моќник“, по што Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда со која обвинителниот предлог се одбива поради настаната апсолутна застареност на кривично гонење.
Со тоа ослободени од обвинение се и Милош Милошоски, Милосим Војнески и Антонио Милошоски за кои судењето продолжи за кривичното дело „измама“, откако во октомври минатата година, по измените на Кривичниот законик беше запрена постапката за 10 обвинети во случајот „Моќник“ поради застареност.
Од Основниот кривичен суд Скопје, информираат дека на денешната главна расправа за предметот со К.бр. 2616/20 од обвинителството означен како „Моќник“, јавниот обвинител во завршните зборови, извршил прецизирање на диспозитивот на обвинителниот акт во обвинителен предлог, како и измени во правната квалификација на Кривичните дела кои им се ставаат на товар на обвинетите со кои измени:
– Првообвинетиот М.М. сторил кривично дело Измама од чл. 247 ст.3 в.в. со ст. 1 вв со чл. 23 од КЗ, второобвинетиот М.В. сторил кривично дело чл. 247 ст.3 в.в. со ст. 1 од КЗ, третообвинетиот А.М. сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.3 вв со ст. 1 од КЗ. Согласно направените измени од страна на Јавниот обвинител и тоа во фаза на завршни зборови, судот, по сила на Законот односно чл. 402 т.6 од ЗКП, донесе пресуда со која обвинителниот предлог се одбива заради настаната апсолутна застареност на кривичното гонење согласно чл. 107 ст.1 т. 4 вв со чл. 108 ст.6 од КЗ. Трошоците на постапката паѓаат на товар на Буџетот на РСМ – информираат од Основен кривичен суд Скопје.
Претходно, во октомври минатата година, по измените на Кривичниот законик, Судот донесе решенија со кои за 10 обвинети во случајот „Моќник“ постапката се запира заради застареност, додека за тројцата обвинетите Милош Милошоски, Милосим Војнески и Антонио Милошоски судењето за кривичното дело „измама“ продолжува.
„Моќник“ е случај што го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство. Прво и второобвинети во случајот се Милош Милошоски и поранешниот градоначалник на Македонски Брод, Милосим Војнески, а третообвинет е пратеникот Антонио Милошоски.
Според, обвинението во текот на 2011 година прво и второ обвинетиот, заеднички, со намера првообвинетиот да прибави противправна имотна корист ги довеле во заблуда советниците во Советот на општина Македонски Брод, со лажно прикажување и со прикривање на факти за правниот статус и вистинската вредност на недвижностите – предмет на продажба. Тие ги навеле советниците да изгласаат одлука за отуѓување на недвижен имот за кој советниците сметале дека е „поранешниот задружен дом“, а всушност одобриле отуѓување на зграда со корисна површина од 157м2 со дворно место од 3.920 м2 во селото Ижишта-Општина Македонски Брод, која ја користела општина Пласница.