Оставката на британската премиерка не издржа ни неколку часови, а веќе ги добива мајтапењата и коментарите низ целиот свет. Меѓу нив не заостанаа и критиките од замокот Кремљ во Москва. Поранешниот руски претседател Дмитриј Медвед ја искористи приликата и на интернет напиша:
„Избезумената премиерка заслужува Нобелова награда за економија за најбрзо уништување на националните финансии“, искоментира тој, само неколку часа пред британската премиерка да објави дека се повлекува од функцијата, пренесува РТ.
Шесте недели нестабилно владеење на Трас ја направија премиерка со најкраток мандат во историјата на Велика Британија. Таа замина поради критиките за нејзината радикална промена во економската политика која доведе до остра девалвација, што ќе рече, обезвреднување на британската фунта. Трас поради ова претходно го отпушти шефот на државната каса Кваси Квартенг и го смени со Џереми Хант. Таа исто така ги зголеми трошоците на владата за да го ублажи влијанието на глобалната економска криза.
Кој ќе ја наследи Трас? Многу имиња се во игра до изборот на новиот премиер што треба да се случи до следниот петок. Меѓу луѓето кои би можеле да се кандидираат се Риши Сунак и Пени Мордоунт, противници кои загубија токму од Трас на последните внатрепартиски избори во Конзервативната партија, како и Џереми Хант, актуелниот министер за финансии кој на функцијата дојде пред една недела.
Не и исклучено ниту потенцијалното враќање на Борис Џонсон во политиката, а некои од неговите сојузници во партијата во последните недели тврдеа дека неговата смена била грешка.
– Признавам дека, со оглед на ситуацијата, не можам да го исполнам мандатот на кој ме избра Конзервативната партија. Затоа разговарав со неговото височество кралот за да го известам дека поднесувам оставка како лидер на Конзервативната партија – рече Лиз Трас.
Францускиот претседател Емануел Макрон изрази надеж дека Велика Британија што поскоро ќе ја врати стабилноста, како негова прва реакција по денешната оставка на Лиз Трас на премиерската функција.
Таквата стабилност е „добра за нас и добра за Европа,” рече францускиот претседател при неговото пристигнување на состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел. Тој истакна дека меѓу Франција и Британија изминатите седмици биле изградени „добри работни односи”, како и дека тукушто имал разговор со Трас.
Францускиот претседател сепак одби да даде конкретен коментар за нејзината оставка.
Односите меѓу Франција и Велика Британија беа обременети последните неколку години, поради несогласувања по прашања околу миграцијата, рибиловот, како и Брегзит.