Германскиот сојузен парламент Бундестагот и парламентите на сојузните покраини планираат да ја намалат температурата на греењето во зима и да го намалат ладењето во лето како дел од мерките за штедење, објавија во неделата германските медиуми.
„Мора да се гарантира ефикасноста на државните институции, но освен тоа нема табуа кога станува збор за заштеда на енергија“, изјави министерот за економија на Сојузната покраина Берлин, Стефан Шварц.
Комитетот за општи работи на Бундестагот на крајот на неделата одлучи сите простории на сојузниот парламент повеќе да не се загреваат на 22 степени, туку на 20 степени во зима. Во исто време, во летните месеци, стотици соби се ладат не на 24, туку на 26 до 28 степени.
Во документот насловен „Заштеда на енергија во зградите на Бундестагот“ се наведува дека овие мерки би можеле да заштедат пет отсто од енергијата.
Планирано е и исклучување на бојлерите за проточна вода во повеќе од 1.800 канцеларии и „поштедлив однос кон осветлувањето“.
Слични мерки најавија и другите парламенти на 16-те сојузни покраини во Германија. Во сојузната покраина Порајње-Фалачка ова лето просториите наместо на 21 степен се ладат на 24 степени, а во зима ќе се греат на 20 степени наместо досегашните 22 степени.
Во сојузната покраина Баден-Виртемберг, чии граѓани се пословично штедливи, греењето во зима беше само на 20 степени, а сега се планира да се спушти температурата на 18. Клима уредите се поставени на 26 степени.
Германската влада неодамна ги повика граѓаните да штедат поради претстојниот недостиг на гас следната зима, кој Германија досега главно го увезуваше од Русија.