Започна примената на Договорот од Преспа, од денес напуштање на државата само со патна исправа од Северна

Saso
By Saso 2 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

На полноќ истече рокот од одредбата од Договорот од Преспа за валидноста на исправите и документите за меѓународна употреба, но Собранието со итни законски измени овозможи возачките со „Република Македонија“ ќе може да се заменат до крајот на годинава.Собранието вчера попладне со 90 гласа „за“, ниту еден против и воздржан, во рамки на 144. седница, по скратена постапка го донесе Законот за измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата според кој, возачките дозволи со „Република Македонија“ ќе важат до крајот на годината.

Законските измени се на предлог на пратениците Никола Мицевски, Мартин Костовски, Вјолца Адеми, Аднан Незири, Димитар Апасиев и Павле Трајанов.

На полноќ истече преодниот период од пет години, односно одредбата од Договорот од Преспа, со која ќе престанат да важат патните исправи и документи за меѓународна употреба, што го содржат старото име на државата. Шефот на дипломатијата Бујар Османи во петокот на брифинг за медиуми кажа дека граѓаните кои што се затекнати во странство по 12 февруари, а се со стари патни исправи, ќе можат да се вратат во државава со патен лист, кој се издава во дипломатско-конзуларните претставништва.

Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, со новото име се издадени некаде околу 525 илјади возачки дозволи, додека со старото име во важност се 272.000 возачки дозволи. Тоа се важечки возачки дозволи кои не се обновени со новото име и сега со законските измени за безбедност во сообраќајот тие ќе важат до 31.12.2024 година.

Во моментов, според Тошковски, има околу 30 илјади македонски и околу 60 илјади албански обрасци за возачки дозволи. До март се очекува да пристигнат уште 160 илјади.

Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018 година, а уставните измени за промена на името во Северна Македонија во Собранието беа изгласани на 11 јануари 2019 година. По излегувањето на измените во Службен весник во февруари 2019 година почнаа да течат петгодишните рокови согласно Договорот.

Share This Article