Уругвајската полиција заплени 400 килограми кокаин и уапси неколку лица, меѓу кои и двајца државјани на Црна Гора, пренесува Вијести.
Весникот „Ел опсервадор“ објави дека црногорски државјани наводно биле организатори на група која требало да пренесе дрога од Боливија во Европа.
Тој медиум објави дека се уапсени 15 лица од различни националности, меѓу кои и државјани на Црна Гора, кои, како што се наведува, биле „дел од балкански клан“.
Дрогата е одземена во акцијата „Виртус“.
Весникот „Ел опсервадор“ наведува дека „балканскиот клан е голема мрежа на организиран криминал што дејствува во Европа, составена од граѓани на Србија, Црна Гора и Хрватска“.
Уругвајските власти, вклучително и Генералниот директорат за сузбивање на трговијата со дрога, во истата операција запленија три автомобили и еден камион, два чамци и еден трактор.
Наводно, се очекува апсење на повеќе лица инволвирани во шверцот на 400 килограми кокаин.
Истрагата која трае пет месеци, пишуваат уругвајските медиуми, ја води обвинителката за наркотици Моника Фереро, пишува Вијести.