Заменик-министерот за здравство, Јовица Андоновски, на денешната прес-конференција информира дека по лабораториски анализи на Институтот за јавно здравје потврдени се два случаjа на мајмунски сипаници.
Андоновски соопшти дека попладнево ќе заседава Комисијата за заразни болести.
Тој апелира граѓаните да не паничат оти како што рече, системот функционира и се преземаат сите активности.
И директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, информира дека станува збор за двајца машки пациенти, родени на 1981 и 1985 година, и двајцата од Скопје. Според информациите што ги дале двајцата пациенти, тие не патувале никаде надвор од државата.
Таа нагласи дека едниот пациент е хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје, а според нејзините информации, другиот сѐ уште не се пријавил на ниедна од клиниките и не е хоспитализиран. Потенцира дека не се поврзани случаи.
И директорката упати апел граѓаните да не паничат и потенцира дека не станува збор за ново заболување и за тоа веќе има протоколи.