Предлог-законот за средно образование повторно ќе биде поднесен во Собранието, со подобрен текст, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска.
– Дискусијата за предлог-Законот за средно образование беше префрлена на политички план. Бидејќи се претвори во друга тема, а не тема за образованието, сметам дека е соодветно да се повлече законот – рече Јаневска за Сител, информираат од нејзиниот кабинет.
Политиката да не се вметнува таму каде што не треба, а во образованието и не смее, посочи Јаневска.
Таа изрази надеж дека ќе дојде до разбирање на политичките партнери околу заедничките државни симболи, по мирен пат.
– Ќе се посветиме на воспитната компонента, на мултиетничноста, на мултикултурализмот, на почитувањето на различностите во образовниот процес. Тука е нашата шанса кај младите, кои веќе го гледаат новиот свет, свет во кој најмалку е важно на која етничка група припаѓаш, или дали припаѓаш на мнозински или малцински народ. Технологијата напредува од ден на ден, глобалната слика се менува од ден на ден, ние не можеме да живееме во минатото. Тука ја гледам иднината и просперитетот на оваа држава – рече Јаневска.
Таа најави дека во Буџетот на Министерството за 2025 година се обезбедени пари за превоз на студентите, откако одлуката ќе помине на седница на Владата.