Предлог-законот за парничната постапка денеска e на дневен ред на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците во Собранието, соопшти Министерството за правда.
„По неколкугодишна блокада, законот повторно е во собраниска процедура. Со законот ќе се уредат прашањата кои создаваа проблеми во примената, како вештачењето и доставата, а кои беа констатирани од сите засегнати страни. Исто така, ќе се забрза постапката во споровите од мала вредност итн.“, соопшти Министерството за правда.
Со предлогот се предвидува намалување на висината на паричната казна за учесниците во постапката, во согласност со генералната определба на Владата за намалување на казните, се усогласува поднесокот во електронска форма и се поедноставува електронската достава во согласност со релевантните законски одредби за електронско работење во државата.
„Новина е пропишувањето на постапка за заштита на колективните интереси и права со што им се овозможува на здруженијата, фондациите, установите и на други организации кои се основани во согласност со закон и кои во рамките на својата регистрирана или со закон определена дејност се занимаваат со заштита на колективни интереси и права, да можат, кога такво овластување им е изречно дадено со закон и под услови предвидени со тој закон, да поднесат тужба за заштита на колективните интереси и права против физичкото или правното лице кое со вршење на одредена дејност или со постапување или пропуштање потешко ги повредува или сериозно ги загрозува таквите колективни интереси и права“, соопшти Правда.
Предлог-законот се усогласува и со Законот за бесплатна правна помош со што се прецизира дека трошоците на постапката на странката корисник на секундарна правна помош, која успеала во спорот, се уплатуваат на сметката на Буџетот на РСМ.
Предвидено е јавни расправи да се одржуваат по електронски пат, по оценка на судот, во случај на постоење на опасност од одлагање или кога постојат правни или стварни пречки. Судот може да одлучи рочиштето да се одржи на далечина, со употреба на средства кои обезбедуваат двонасочна електронска комуникација и овозможуваат звучен и визуелен приказ во реално време.