Законот е пред пратениците, лани имало 85 обвиненија и три затворски казни

Lorita
By Lorita 11 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Долготрајното и широкораспространето загадување на животната средина ќе стане ново кривично дело – Екоцид, доколку се усвои актуелниот предлог текст на новиот Кривичен законик, а ќе се казни со доживотен или најмалку десет години затвор.

Во делот на еколошкиот криминал, како што појаснуваат за МИА од Министерството за правда освен тоа што се воведуваат некои целосно нови членови се врши и допрецизирање на некои постоечки, а во насока на усогласување со европското законодавство.

Доколку се прифати оваа верзија на предлог-законот, освен екоцид, има и други измени и допрецизирања низ целата глава 25 – Кривични дела против животната средина и природата, и тоа од уништување насади со употреба на штетна материја, узурпација и бесправно градење на простор што е природна реткост или под приврмена заштита, па се до промена на воден режим, пустошење шума, незаконит лов и риболов, како и загрозување на животната средина и природата со отпад.

85 обвиненија, повеќето од нив платиле казни

Според анализата на Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) за тоа кои се најчести кривични дела против животната средина во Република Северна Македонија за кои се изречени пресуди во периодот од 2017 до 2021 година, се узурпација на недвижност – 55 пресуди, незаконит лов и риболов – 20 пресуди, незаконска експлоатација на минерални суровини – 6 пресуди, мачење животни – 8 пресуди, пустошење шума – 3 пресуди и една пресуда за загрозување на животната средина и природата со отпад.

Висината на паричните казни за овие дела, според анализата на ЦПИА, во најголем дел се движат во опсег од 300 до 500 евра, во пет пресуди е изречена казна во висина од 1 000 евра, а останатите казни се движат меѓу 600 и 800 евра.

Според податоците од Државниот завод за статистика во 2021 година обвинети се вкупно 85 лица за кривични дела против животната средина и природата, од кои 73 се прогласени за виновни. Интересно е дека сите обвинети биле мажи.

Од пресудите 62 се со издавање на платен налог, а 11 врз основа на признание на вина. За три лица постапката е запрена, пет имаат ослободителна пресуда, а четири одбивателна пресуда.

Најголемиот дел од обвинетите лица – 35 се за узурпација на недвижности, 34 за незаконски риболов, по 6 за незаконски лов и мачење животни, три останати кривични дела против животната средина и еден за незаконска експлоатација на минерални суровини.

За кривични дела против животната средина и природата во 2021 година две лица добиле затворски казни и тоа еден затвор до шест месеци за узурпација на недвижности и еден казна затвор од шест месеци до една година за незаконски риболов. Најмногу парични казни се изречени во распон од 10 до 30 илјади денари – 19, од кои најмногу 12 за незаконски риболов, пет за урузпација на недвижности и две за мачење на животни. Седум парични казни се над 30 илјади денари и тоа пет за незаконски риболов, и по една за мачење животни и узурпација на недвижности. Изречени се и две парични казни до пет илјади денари за незаконски риболов.

- Advertisement -
Ad image

Против три лица осудени за кривични дела против животната средина и природата во 2021 година е изречена и конфискација на имот, а од 21 се одземени предмети.

Високите казни како превентива и механизам

Од членовите на работната група за делот еколошка правда, кои работеле на новиот предлог Кривичен законик, за МИА појаснуваат дека екоцидот се вбројува во листата на најтешки кривични дела бидејќи претставува масовно уништување на животната средина (извршени со умисла).

„Во пракса би значело пожари на шуми, излевање на нафта/ хемиски отпад, дренирање на блатски екосистеми, прекумерен и неконтролиран лов и риболов, радиоактивна контаминација поради нуклеарни тестирања и користење нуклеарни оружја, односно дејствија или пропуштање на дејствија кои би довеле до масовно уништување на екосистеми. Со еден збор уништување на природата до степен од кој за жал не би постоела можност за повторно обновување на растителниот и животинскиот свет“, велат од групата.

- Advertisement -
Ad image

Со новите измени на Кривичниот законик, од работната група за МИА, наведуваат дека се прави обид да започне процес на превентивно делување, односно новопропишаните високи казни да го одвратат сторителот од чинење на некое од овие кривични дела или нивно повторување.

„Правото е во состојба да придонесе за заштита на природните системи, а воведувањето на ова ново кривично дело може да значи промена на свеста во насока на подобра заштита на животната средина што воедно би значело и поефективна правна рамка. Дополнително, заштитата на животната средина во кривично правниот систем ужива низок степен на заштита доколку се земат предвид постојните кривични дела и предвидените санкции. Воведувањето на екоцидот како кривично дело значи чекор напред кон воспоставување на механизми кон сите лица (физички и правни) да носат одговорност за штетите на околината, екосистемите кои се резултат на нивните одлуки и дејствувања“, појаснуваат тие.

Во однос на тоа „дали ова ново кривично дело е повеќе во насока дека ќе се казнува единечен настан со „поголем интензитет“ како поголем пожар, хаварија во индустриска постројка или излевање на хемикалии или пак е акцентот повеќе на „долготрајноста“ на дејството како на пример фирма што во континуитет не става филтри и го загадува воздухот или почвата со години наназад“, од работната група за МИА велат дека ова дело ќе ги опфаќа и двете ситуации.

„Како што е наведено во самата дефиниција ова дело ќе ги опфаќа и двете ситуации, односно и сериозни штети кои доведуваат до многу неповолни промени, нарушувања или штети на кој било дел на животната средина, вкучувајќи влијанија со тешки последици на човечкиот живот или природата, културните или економските ресурси како и долготрајни, непоправливи штети, кои не може да се надоместат преку природно обновување во еден разумен временски период. Треба особено да се нагласи дека не е казниво само превезмањето дејствие, кое довело до масовно уништување на животната средина, туку и пропуштањето да се преземе дејствие за спречување“, посочуваат од работната група.

За тоа како во пракса ќе се докажува „сериозна или широкораспространета или долготрајна штета на животната средина“, од работната група за МИА велат дека во глава тринаесет „Значење на поимите на овој закон“, член 130 ст.41, ст. 42 и ст. 43 од Предлог Кривичниот закон, законодавецот дава појаснувања на овие основни термини со цел правилна примена во пракса.

„Сериозна штета е штета која вклучува многу сериозна неповолна промена, нарушување или штета на кој било дел на животната средина, вкучувајќи влијанија со тешки последици на човечкиот живот или природата, културните или економските ресурси. Под широкораспространета штета се подразбира штета која се протега преку целата територија на најмалку еден географски регион или на прекугранична територија која опфаѓа најмалку територија на еден регион или штета со која е зафатен целосен екосистем, целосен вид на организми или поголема група на луѓе“, појаснуваат за МИА од работната група.

Освен парични, неопходни се и кривични казни

Од Министерство за животна средина и просторно планирање, за МИА велат дека измените на Кривичниот законик, уште се во фаза на изработка, но дека она што е важно од аспект на заштитата на животната средина е што со отворање на главите од Кривичниот закон поврзани со кривични дела во животната средина се работи на допрецизирање на делата со кои се загрозува животната средина и здравјето на луѓето и од аспект на кривично дело, а не само од аспект на прекршочни дела како што се препознаваат во законите поврзани со животната средина.

Инаку, факт е дека досега не постои казнивост на одредени дејствија против животната средина и здравјето на луѓето што покрај прекршочни можат да носат и кривични елементи и дека е потребно обезбедување на судска заштита и судска разрешница кога ќе биде утврдена вината. Во изминатиот период интензивно се работеше на усогласување на законодавството со ЕУ регулативата, како и на подобрување на регулативата, на предлог на МЖСПП се зголемија глобите за прекршоците во животната средина и секако ова мора да се рефлектира и во подобрување и на Кривичниот закон, велат од МЖСПП.

Од Македонското еколошко друштво, ги поздравуваат предложените измени на Кривичниот законик кои значат заострување на санкциите за сторителите на кривични дела против животната средина и природата, но и нагласуваат дека основен проблем е слабата имплементацијана постоечките закони.

„Во изминатиот период во нашата држава се забележани бројни прекршувања на законите од областа на животната средина и природата, со што е нанесена непоправлива штета на сите медиуми на животната средина (вода, воздух, почви, растителни и животински ресурси) и природата: загадување на вода, воздух и почви со сериозни последици по здравјето и животот на луѓето, бесправно уништување шуми, криволов, незаконски риболов, трговија со заштитени видови, уништување на водотеци, уништување на важни живеалишта со изградба патишта, каменоломи, ископи за песок, итн. Сметаме дека основниот проблем за ваквата состојба е слабата имплементација на постоечките закони“, се вели во ставот од МЕД.

МЕД, исто така, укажуваат и на потребата од дополнително прецизирање на новиот Член 288 (Екоцид), т.е. соодветно дефинирање на терминот „сериозна“ штета (Член 130) со цел тој да одразува „екоцид“.

„Се надеваме дека предложените измени ќе ја подобрат имплементацијата на Кривичниот законик и законите од областа на животната средина и природата, за што е неопходно зајакнување на капацитетите на правосудниот систем, инспекторатите и другите надлежни институции“, посочуваат од Македонското еколошко друштво.

Share This Article