Јутјуб ја блокираше телевизијата Дума која емитува програма од Долниот дом на рускиот парламент, што наиде на лут одговор од официјалните лица кои рекоа дека како одговор на тоа најпопуларната услуга за стриминг во светот може да се соочи со ограничувања во Русија.
Денеска, во пораката на Јутјуб се вели дека каналот на Дума е „прекинат поради прекршување на Условите за користење на Јутјуб“.
Јутјуб, во сопственост на Гугл, беше под притисок од рускиот регулатор за комуникации Роскомнадзор и официјалните лица брзо реагираа.
„Како што изгледа Јутјуб сам си потпиша налог за затварање. Зачувајте ја содржината, префрлете ја на руски платформи. И побрзајте“, рече портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова, на сервисот за пораки Телеграм.
Компанијата за Ројтерс изјави дека е посветена на усогласеноста со сите важечки санкции и закони.
„Доколку откриеме дека профилот ги прекршува нашите Услови за користење, преземаме соодветни мерки. Нашите тимови внимателно ја следат ситуацијата за какви било ажурирања и промени.“
Вјачеслав Володин, спикерот на Думата, рече дека потегот на Јутјуб е дополнителен доказ за кршење на правата и слободите од Вашингтон.
„САД сакаат да добијат монопол за промовирање информации. Не можеме да дозволиме тоа да се случи“, рече Володин на Телеграм.
Русија веќе го ограничи пристапот до Твитер и платформите Фејсбук и Инстаграм на Мета, по воената инвазија врз Украина на 24 февруари.