Зајкова предлага со закон да се уредат трошоците за банкарските услуги

Lorita
By Lorita 2 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Пратеничката и претседателка на ЛДП Моника Зајкова најави дека поднесува предлог измени на Законот за платежни услуги и платни системи, со кои ќе се намалат трошоците за банкарските услуги. Таа на прес-конференција во Собранието најави дека ќе лобира кај сите пратенички групи за да се заштити стандардот на граѓаните. Зајкова смета дека овие трошоци треба да бидат регулирани законски, а не со интерни банкарски прописи и побара да се гласа во најбрзо можно време.

– Граѓаните не се должни да ги богатат банките. Не смееме да дозволиме банките да наплаќаат надоместоци за затворање на платежна, дебитна или кредитна картичка. Кога една сметка ќе биде прогласена за неактивна, банката не смее понатаму да наплаќа никакви надоместоци. Со измените на законот ќе се укине услугата за онлајн плаќање и провизијата за проверка на состојба на сметка на банкомат, ќе се намали провизијата за повлекување на пари од банкомат итн – рече Зајкова.

Таа додаде дека се работи за непотребни трошоци, без кои илјадници денари ќе се вратат во џебовите на граѓаните.

Зајкова потсети дека ЛДП и Левица лани ги поднесоа овие предлог измени во Собранието, но не добија поддршка.

– Упатувам апел од оваа говорница до сите пратеници да нè поддржат и најбрзо што можат да го изгласаат овој предлог-закон, со единствена цел враќање на илјадници денари во џебот на граѓаните. Носењето на правилни законски решенија делува во функција на зголемувањето на финансиската моќ на граѓаните и преку овој предлог-закон ќе се ограничи слободата на банките неосновано да ги наплаќаат речиси сите нивни услуги – рече Зајкова.

На новинарско прашање дали партијата и понатаму е дел од заедничката коалиција со СДСМ, Зајкова рече дека ЛДП дејствува независно.

– Преку поднесените закони и преку стенограмите од одредени гласања, ќе видите дека ЛДП дејствува независно, бранејќи ја својата либералнодемократска политика – рече пратеничката Моника Зајкова.

Share This Article