Почетокот на новата учебна година им донесе стара главоболка на родителите, особено оние со средна и пониска финансиска состојба. Во повеќе училишта во Србија регистриран е нов тренд што се шири меѓу учениците и има сериозни последици, пишуваат српските медиуми.
Денес училишните дворови изгледаат како модни писти на познати брендови, а децата чии семејства не можат да си дозволат толку скапи гардероби се исмејуваат. Tоа е една од причините за врсничко, вербално и психичко насилство, предупредуваат психолозите.
Трендот меѓу јутјуберите „колку чини облеката“ се пресели и во училиштата. Учениците масовно користат апликации за скенирање на QR кодови на облеката, ги гледаат етикетите на нивните врсници за да се уверат дали нешто е „оригинално“ или „копија“.
Семејствата со среден и понизок социјален статус се најдоа под огромен притисок – како да се погрижат нивните деца „да не се разликуваат од нивните врсници“. Мајките и татковците кои имаат двајца или тројца ученици дома знаат колку е тешко.
Пред почетокот на учебната година речиси сите основни и средни училишта во Србија дадоа јасни упатства што смее, а што не да се носи на часови. Во кодексот на облекување стои дека се забранети хеланки, кратки маици, бермуди, како и тренерки и дуксери со качулка, посочуваат медиумите.
Во едно од училиштата во Белград, група родители покренаа петиција за воведување униформи, со цел да се намалат социјалните разлики меѓу децата. Застапниците на униформите како едно од решенијата се свесни дека нема да биде така лесно. Иако во многу земји во светот униформите се задолжителни во сите училишта со што делумно се избегнува проблемот со кој сега се соочуваат училиштата во Србија.