Бројот на напади кон новинари и медиумски работници во 2022 година е зголемен, а дополнително загрижува фактот што медиумските професионалци се сѐ почесто предмет на закани и малтретирања на социјалните мрежи, информираат од ЗНМ.
Извештајот за степенот на слобода и безбедност на медиумите 2022 изготвен во рамките на проектот Регионална платформа на Западен Балкан, финансиран од Европската комисија покажува дека неказнивоста сѐ уште е голем проблем.
„Особено загрижува говорот на омраза и етикетирањето новинари и медиумски работници од страна на политичари и други носители на јавни функции, како и трендот на двојно зголемениот број на судските постапки за клевета и навреда споредбено со годината пред тоа. Според регистарот на ЗНМ, од почетокот на 2022-ра година регистрирани се вкупно седум напади и груби закани кон новинари. Во споредба со минатата година, кога беа регистрирани вкупно пет, оваа година бележиме повторен пораст на нападите и заканите кон новинари и медиумски работници“, се наведува во соопштението од ЗНМ.
Додаваат дека со дел од надлежните институции во извештајот се констатира подготвеност за соработка во насока на унапредување на безбедноста на медиумските работници а доказ за тоа се и измените и дополнувањата на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, а на почетокот на оваа година се изгласаа и измените на Кривичниот законик и двата закони се веќе стапени на сила.
Во извештајот е нотирано дека особено загрижува говорот на омраза и етикетирањето новинари и медиумски работници од страна на политичари и други носители на јавни функции, како и трендот на удвојување на бројот на судските постапки за клевета и навреда споредбено со минатата година. Покрај тоа, надлежните институции и судовите сѐ уште не водат доволно ажурна евиденција за заканите и нападите врз новинари, ниту, пак, ги објавуваат ваквите податоци, покажуваат подготвеност да се работи на подобрување на безбедноста на новинарите и медиумските работници преку поажурно преземање мерки и гонење на сторителите на напади и закани.
„Здруженијата на новинарите од земјите од Западен Балкан, со поддршка на Европската комисија, формираа заедничка платформа Safejournalists.net за да ги следат промените во законодавството и практиката на своите земји и да се вклучат во различни активности за застапување насочени кон унапредување на политичкото, законодавното и институционалното опкружување во кое работат новинарите и медиумите. Почнувајќи од 2020 година, членовите на платформата ја следат состојбата во седум земји и тоа Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Северна Македонија, Црна Гора, Косово и Србија“, велат оттаму.