Рускиот план за ревидирање на нејзините поморски граници во Балтичкото Море предизвика загриженост кај нејзините европски соседи, откако руското Министерство за одбрана објави иницијатива за „одредување географски координати“ во Балтичкото Море, бидејќи, како што велат, поранешните советски граници се непрецизни.
Според документот, кој во текот на денот исчезна од веб-страницата без објаснување и со назнака „нацртот е избришан“, станува збор за промена на границите кај руските острови во Финскиот залив и другите острови спроти крајбрежните градови Балтијска и Зеленоградска во руската енклава Калининград, која се граничи со Полска и со Литванија. Координатите од советската ера не дозволуваат континуирана гранична линија, објави Министерството за одбрана во документот.
Според новиот план, Русија сака да ги ревидира областите околу Р’тот Таран и Балтичкиот теснец на границата со Литванија. Министерството, исто така, истакна дека претходните советски мерења на границата од 1985 година користеле наутички карти од средината на 20 век и затоа не соодветствуваат целосно на помодерните картографски координати.
Литванија веднаш реагираше, посочувајќи дека ова е „уште еден доказ дека руската агресивна и ревизионистичка политика претставува закана за безбедноста на соседните земји и на Европа во целина“. Литванското Министерство за надворешни работи, соопшти дека тоа е „намерна, насочена и ескалирачка провокација“ чија цел е заплашување на соседните земји.
– Во тек е уште една руска хибридна операција. Овој пат тие се обидуваат да шират неизвесност и сомнеж за нивните намери во Балтичкото Море. Ова е очигледна ескалација против НАТО и Европската унија и мора цврсто да се одговори – изјави литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис.
Финскиот претседател Александар Стуб на Твитер напиша дека „Русија не контактирала со Финска за ова“.
„Финска се однесува како и секогаш: мирна и базирана на факти“ – додаде Стуб во објавата на социјалната мрежа.
По објавувањето на рускиот план за ревизија на поморските граници во Балтичкото Море, стигнаа реакции и од Финска.
– Изненадувачки е што ова се случува врз основа на известување. Обично се разговара за такви работи. Сега се наоѓаме во малку неочекувана позиција – рече Кимо Килјунен, шеф на парламентарната комисија за надворешни работи на Финска.
– Треба да се запомни дека предизвикувањето конфузија е исто така хибридно влијание. Финска нема да дозволи да биде збунета – најави шефицата на финската дипломатија Елина Валтонен.
Шведскиот министер за одбрана Микаел Биден предупреди на територијалните претензии на Москва во Балтичкото Море, особено кога станува збор за големиот шведски остров Готланд.
– Сигурен сум дека Путин фрлил око на Готланд. Неговата цел е да ја преземе контролата врз Балтичкото Море. Ако Русија ја преземе контролата во Балтичкото Море, тоа ќе има огромно влијание врз нашите животи – во Шведска и во сите други земји кои имаат пристап до Балтичкото Море. Не можеме да го дозволиме тоа. Балтичкото Море не смее да стане игралиште на Путин. Доколку Путин го нападне Готланд, тој може да им се закани на земјите на НАТО од морето. Тоа би бил крај на мирот и стабилноста во нордиските и балтичките региони – изјави Биден.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави за новинската агенција ТТ предупреди дека „Русија не може еднострано да одлучува за нови граници“.
Естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахна истакна дека „на прв поглед изгледа како апсурдна идеја“.
Латвиската министерка за надворешни работи Баиба Браже најави дека е во контакт со Финска, Литванија и други нордиски и балтички земји за „да се разјасни ситуацијата“.
Во очигледен обид да се смири тензијата, руските агенции ТАСС, Интерфакс и РИА утринава објавија идентични написи, повикувајќи се на неименуван воено-дипломатски извор кој ја негира намерата на Русија да ја промени границата.
-Немаше и нема план за ревизија на ширината на територијалните води, економската зона, континенталниот гребен од копното или руската граница на Балтикот – вели неименуваниот извор за руските државни медиуми.
Во изјава за новинарите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, негираше дека предлогот е поврзан со рускиот конфликт со Западот.
– Не, тука нема ништо политичко, иако политичката ситуација е променета од времето кога беше воспоставена границата – рече тој, цитиран од новинската агенција ТАСС. – Погледнете ја ескалацијата на тензиите, нивото на конфронтација, особено во балтичкиот регион. Се разбира, ова бара нашите релевантни агенции да ги преземат неопходните чекори за да ја осигураат нашата безбедност – додаде портпаролот на Кремљ.
Неколку часа по неговите коментари, планот без објаснување, беше избришан од владиниот портал.
Зошто Балтикот е толку важен за Путин?
Со приклучувањето на Шведска и Финска кон Северноатлантскиот договор, некои аналитичари го нарекоа Балтичкото Море „езеро на НАТО“. Погледот на картата покажува дека тоа е во голем дел, но не и целосно точно бидејќи брегот има неколку делови од руската територија. Остатокот од крајбрежјето е во рацете на НАТО: Шведска, Финска, Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Германија и Данска, пишува Блумберг.
Русија контролира дел од брегот меѓу Литванија и Полска поради енклавата Калининград. А претседателот Владимир Путин сè уште го контролира далечниот источен агол на Балтичкото Море со приодите кон Санкт Петербург.
Поголемиот дел од руската флота на Балтичкото Море е сместен во тамошното пристаниште Балтијск, а во Калининград се наоѓаат значајни воздушни и ракетни сили (можеби и тактичко нуклеарно оружје).
Во случај на војна, Калининград би требало да биде неутрализиран за руските копнени сили да не можат да ја преземат контролата над критичниот премин Сувалки, кој минува долж границата меѓу Литванија и Полска.
Какви се шансите Путин да создаде голема криза на море или да нападне некоја од балтичките земји? Па, пред три години, идејата дека ќе извршат напад врз Украина исто така изгледаше неверојатна, пишува Блумберг.