Основното јавно обвинителство Скопје интензивно презема дејствија за утврдување на причините за вчерашната тешка сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Велес.
Во текот на ноќта се издадени повеќе наредби за вештачење на траги пронајдени на лице место и за обдукција на починатите.
Комбето е подигнато од местото на несреќата и ќе се врши и вештачење со цел да се испитаат сите околности кои довеле до настанот.
МВР утринава соопшти дека три лица го загубија животот, а петмина се тешко повредени во сообраќајната несреќа која вчера попладне се случи на автопатот Скопје – Велес, пред тунелот кај Катланово. Несреќата се случила во 17:35 часот, патничко возило „форд транзит“ со скопски регистарски ознаки, управувано од О.Д.(32) од Велес, излетало од патот и се превртело.
Станува збор за работници од Велес, кои се враќале од работното место во Скопје и патувале со организиран превоз од фирмата во која работеле.
„Од здобиените повреди на местото на несреќата починале сопатниците А.Н.(37), Ј.А.(47) и Д.Ц.(66), сите од Велес, а смрт констатирал лекар од итна медицинска помош. Додека, со тешки телесни повреди се здобил возачот О.Д. и сопатниците З.С.(59), В.З.(67), Н.Н.(33) и Б.П.(41), сите од Велес, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ во Скопје и Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, информираат од МВР.
Поради сообраќајката вчера попладне беа блокирани двете сообраќајни ленти на автопатот Скопје – Велес. Сообраќајот беше во прекин од 17:45 часот и се пренасочуваше преку Петровец – Велес (по стариот пат), Миладиновци – Св.Николе – Велес – Штип.