Јужнокорејскиот актер Ли Џи-хан (24) е една од 154-те жртви на страшното и смртоносно стампедо што се случи пред три дена во Сеул, Јужна Кореја.
Агенциите „935 Entertainment“ и „9ato Entertainment“ ја потврдија веста дека актерот починал, пренесува „Индепендент“.
„Вистина е дека Ли Џи-хан почина поради несреќата во Итаевон на 29 октомври. Се надевавме дека тоа не е вистина и бевме многу шокирани кога ја слушнавме веста. Семејството е соочено со огромна тага, ние сме многу внимателни со нашите зборови. Нека почива во мир“, се вели во соопштението.
Ли Џи-хан дебитираше во реалното шоу „Produce 101“. Тој дебитираше во 2019 година во интернет серијата „Денес беше друг ден на Нам Хјун“ и требаше да глуми во претстојната сезона на драмата „Сезона на Ккокду“.
Агенцијата „935 Entertainment“ објави на Инстаграм: „Ве молам испратете топло збогум со Ли кој прерано не напушти. Ќе го паметиме по неговата страст за актерството која блесна“.
Да потсетиме, најмалку 154 лица загинаа, а 133 се повредени во тесната улица во Сеул, главниот град на Јужна Кореја, за време на прославата на „Ноќта на вештерките“, објавија официјални лица. Трагедијата се случи во областа Итаевон, позната по ноќниот живот, каде што се собраа голем број луѓе на првата прослава на „Ноќта на вештерките“ по укинувањето на мерките за пандемијата.
Поради смртоносното стампедо, луѓето останале заглавени во една од тесните улички и се прекачувале еден преку друг. Повеќето од жртвите се тинејџери и луѓе на возраст од дваесетина години. Меѓу жртвите има и 20 странски државјани. Од 154 жртви, 98 се жени, а 56 мажи.
Засега не е позната причината за трагедијата, која е најголемата трагедија во Јужна Кореја од 2014 година кога потона траект со повеќе од 300 патници.
Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол нареди да се формира работна група која ќе помогне во лекувањето на повредените. Првиот човек на оваа земја прогласи период на жалост која ќе трае до 5 ноември.
ФОТО: Инстаграм