Страшна сообраќајна незгода се случила вчера во Прилеп откако малолетник со мотоцикл удрил до 68-годишна прилепчанка која подоцна во прилепската болница починала поради тешките повреди.
Како што информираат од МВР вчера било пријавено дека на ул. Тризла во Прилеп, мотоцикл „хамачи” без регистарски ознаки, управуван од малолетник од Прилеп, удрил во пешакот Г.М.(68) од Прилеп. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Г.М. и била пренесена во Градската болница Прилеп каде што подоцна починала, а со телесни повреди се здобил мотоциклистот.
Оттаму додаваат дека извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Прилеп.
Вчера 67-годишна скопјанка се здобила со тешки повреди откако била прегазена од мотоциклист на еден скопски булевар.
„На 28.05.2024 во 14.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул. Никола Карев во Скопје, мотоцикл „хонда“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Ј.А.(26) од Скопје, удрил во пешакот Е.Д.(67) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Е.Д., констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, соопштија од полицијата.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.