Загадениот воздух годишно убива околу 2.800 жители на државава, изјави денеска за квалитетот на воздухот, на почетокот на конференцијата во Скопје, директорот на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Масимилијано Паолучи.
Тој рече дека и покрај напредокот од 1990-те, загадувањето на воздухот сѐ уште е високо, особено во зимските месеци.
– Луѓето во Скопје и во Тетово се изложени на значително повисоки нивоа на токсични честички (PM2.5), во споредба со лица од Западна Европа – додаде Паолучи.
Здравиот воздух, нагласи тој, е од клучно значење за одржливиот развој.
Обраќање имаше и првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Изет Меџити.
Кои се причините за загадениот воздух?
– Денеска, заедно со Светска банка и со релевантните институции што имаат ингеренции во овој дел за почист воздух, присуствувавме на презентација на обемната анализа и работа на Светската банка, нормално со нашите локални институции и со животна средина, во однос анализа на причините поради кои имаме загаден воздух и како можеме да ги решиме. Посебен осврт има на поголемите градови во урбаните средини, почнувајќи од Скопје, така што, ова се вклопува и со нашата програма што ја донесовме пред некој ден на ниво на Владата, предводена од МЖСПП, каде се вклучени сите институции што имаат ингеренции. Разликата е во тоа што од анализите на Светската банка и на УНДП (Програмата за развој на Обединетите нации) и на други релевантни институции ги знаеме точно причините зошто имаме таков воздух и работиме повеќе на отстранување на тие причинители, не како во минатото само трчајќи по последиците и не знаејќи точно што и како правиме. Мислам дека ова е добра основа – подвлече Меџити во изјава за медиуми.
Според него, првиот фактор е тоа што домаќинствата и индустријата сѐ уште користат неквалитетно дрво и други извори за греење, особено во зимската сезона.
Владата ќе спроведе нова програма за решавање на проблемот
– Тука е и урбаниот транспорт и ред други причини. Ние веќе усвоивме и работиме на конкретна програма каде што освен гасификацијата, предвидени се и когенеративни гасни системи, исто така планираме да даваме субвенции за да се враќаат граѓаните на централното греење, посебно во урбаните средини каде што го има. Во однос на гасификацијата, мислам дека тоа е едно од решенијата што граѓаните ќе ги пренасочи кон помалку штетни или нештетни средства за греење во текот на сезонава. Исто и во однос на урбаниот транспорт, како што почнавме со електричните автобуси, планираме во Владата уште да поделиме 100-120 други за јавен транспорт на општините, тука се и приватните иницијативи, фабриката што деновиве ќе биде пуштена за обработка на употребено масло, тоа да се рециклира 100% и да има производство од Република Македонија. Работиме исто така и на други иницијативи и проекти. Значи, посветени сме да ги искористиме сите можности за да дојдеме до почист воздух – нагласи Меџити.
Професорот на Машинскиот факултет-Скопје, Даме Димитровски, појасни дека програмата е изготвена врз база на долгорочни истражувања и од „нашите научни институции и од нашите партнери коишто долги години покажуваат кои се загадувачи и како влијаат на загадувањето“.
– Првиот проект со кој се соочивме е идентификација на загадувачите и секој да ја преземе својата одговорност. Досега се случуваше загадувачите да си го вперуваат прстот еден кон друг, па домаќинствата да кажуваат дека загадува индустријата, индустријата да го обвинува транспортот, транспортот да обвинува некого трет. Со оваа програма се опфатени сите загадувачи во урбаните места во Македонија и е направена комплексна програма од 20-ина проекти што се бават со можни решенија. Програмата е динамична и дополнително ќе расте како што ќе има нов технолошки напредок или како што ќе имаме нови резултати на теренот. Опфатени се најмногу програми за домаќинствата што сакаме да ги вклучиме во програмата, да ги субвенционираме да почнат да користат чисти горива, да им понудиме сувогревно дрво како гориво што помалку загадува, а со тоа и да им овозможиме почист и поздрав воздух, за нивните деца генерално, во домаќинствата, во куќите – истакна Димитровски.
Како што најави тој, во план е строга и правична инспекциска контрола за сите индустриски капацитети.
Дали загадувачите ќе бидат казнети?
– Дополнително, планираме строга и правична инспекциска контрола за сите индустриски капацитети во државата, така што емисиите ќе бидат јавни и сите ќе бидеме сигурни дека тоа што се емитува е сигурно на европски ранг. Како што во 1963 година формиравме силни научни институции, кога имавме проблем со земјотресот, сега сакаме да ги поддржиме научните институции да се занимаваат со истражување за чистење на воздухот или за незагадување на воздухот и таква програма сме предвиделе – додаде Димитровски.
На новинарско прашање дали во пракса е казнет некој, тој одговори дека сега се прави посебен правилник.
– Значи се идентификуваше дека досега капацитетите биле слаби или ангажираноста била слаба или можностите на инспекторатите биле слаби. Сега во пракса ќе се предвиди едно силно централизирано тело што ќе се бави со инспекција во животната средина, што ќе може на сите објекти и по вертикала и по хоризонтала, да може да прави инспекција, да не си предаваме надлежности или да не си даваме можности за образложенија „не е моја надлежност“ – најави Димитровски.
На прашање дали е во план инспекторите да бидат поактивни за време на државните празници, бидејќи во тој период воздухот бил повеќе загаден, министерот рече дека ќе се работело интензивно.
– Веќе имаме донесено мерки на Владата и веќе се на терен. Веќе има и казна. Но, има потреба да се зголеми и бројот на инспекторите бидејќи е мал нивниот број за да има опфат низ цела Македонија – изјави Меџити.