Украина потпиша мировен договор со земјите од Југоисточна Азија. Иако се работи за симболичен чин, тој доаѓа во време кога Киев се обидува да ја зајакне меѓународната поддршка за изолирање на Русија, но и во момент кога беше објавено дека Русите се повлекуваат од Херсон, област за која се смета дека ќе одлучи за насоката на војната во Украина, пишува Б92.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба го потпиша „Договорот за пријателство и соработка во Југоисточна Азија“ во рамки на годишниот самит на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија што се одржува во Пном Пен, скратено АСЕАН. Договорот го имаат потпишано 50 земји меѓу кои и Русија.
Мировниот договор со земјите од Југоисточна Азија, кој го потпиша украинскиот министер за надворешни работи, првпат бил воспоставен во 1976 година. Тој ги обврзува земјите потписнички на „заемно почитување на независноста, суверенитетот, еднаквоста, територијалниот интегритет и националниот идентитет на сите народи“, меѓу други работи.
По самитот на АСЕАН следи самитот на Г20 на Бали, а потоа и форумот за азиско-пацифичка економска соработка во Бангкок. Сите три самити се одржуваат во исто време, според АП, кога Русија бара нови пазари за своите енергетски производи за да ги избегне западните санкции по инвазијата на Украина.
Што се однесува до самитот на АСЕАН, каде Кулеба потпиша договор со земјите од Југоисточна Азија, тој вклучува земји чие вкупно население се проценува на речиси 700 милиони, а земјите-членки досега беа резервирани во односот кон инвазијата на Украина, осудувајќи војната, но генерално се обидува да избегне обвинување на Русија.
Осум од 10-те земји на АСЕАН гласаа за резолуцијата на Генералното собрание на ОН за осуда на руската агресија, а Виетнам и Лаос беа воздржани. Единствената земја членка на таа група која воведе еднострани санкции против Русија е Сингапур, додека Камбоџа отворено ги поддржа позициите на Украина.
Всушност, камбоџанскиот претседател беше тој што вети дека ќе ги поддржи аспирациите на Украина да стане „партнер за дијалог“ на АСЕАН, чекор кон целосното „дијалошко партнерство“ што групата го има со Русија, Кина, Соединетите Држави и други.