Во најдобар ред се одвива првиот ден од најавениот протест на приватните матични лекари, а кој ќе трае и во следните два дена, преку кој тие сакаат да го изразат своето незадоволство и незаинтересираноста од Министерството за здравство и од Фондот за нивните барања.
Д-р Лилија Чолакова – Дервишова, претседателката на Здружението на приватни лекари (ЗПЛМ) за Плусинфо вели дека досега штрајкот лекарите го минуваат во своите ординации и како што претходно најавија се примаат само итни пациенти.
– Сите лекари се на своите работни места и се сè одвива во најдобар ред. Како што имавме и претходно информирано, не се издаваат упати и рецепти, единствено се примаат итни случаи. Имаме огромна поддршка и од нашите пациенти кои најдоа разбирање за проблемот и ситуацијата во која веќе подолго време се наоѓаме. Само една мала група на лекари по семејна медицина кои не се согласуваат со нашите барања и одлучија да не се приклучат на протестот, но тие не се во голема бројка. Ние стоиме зад сите наши барања. За приватните лекари во примарното и секундарното здравство од 2018 не е покачена капитацијата која е 63 денари, а во јавното здравство платите неколку пати се покачиле. Нема покачувања ниту во буџетот кај лаборатории, специјалисти, рурални доктори … Сакаме промени околу начинот на пропишување на лекови за хронични терапии и други работи – вели д-р Чолакова – Дервишова.
Таа додава дека со протестот се бара покачување на капитацијата, бришење на дестимулативната скала, зголемување на буџетите за специјалисти и лаборатории и за рурални амбуланти, да не се затвораат ординации на лекари кои сакаат да продолжат да работат над 64 години, но дека досега сè уште немаат никаков контакт, ниту со Фондот, ниту со Министерството за здравство.
Побаравме став од Фондот и од Министерството за здравство поради актуелниот протест и незадоволството кај приватните матични лекари, но до објавувањето на текстот не добивме никаков одговор.
Во текот на минатата недела министерот Беким Сали рече дека не го поддржува протестот и дека за реализација на тие барања е потребно време.
– Шест месеци се разговара, но нема поместување. Буџетот на лабораториите кои понесоа голем товар во ковид пандемијата, а не добија никаква помош, не е сменет со години. Ако надлежните не реагираат на овие наши барања, тогаш им е сеедно дали и натаму ќе продолжи намалувањето на бројот на матични лекари и дали ќе се затвораат руралните амбуланти – додаде Чолакова-Дервишова.
Како што веќе споменавме членовите на Здружението на лекари по семејна медицина не го поддржаа најавениот штрајк на матични лекари поради несогласување со дел од барањата кои биле наведени како причини за штрајкот.
– Управниот одбор на Здружението на лекари по семејна медицина (ЗЛОМ-СМ) донесе одлука за неподдржување и неучествување на најавениот штрајк на матични лекари од 05.09.2022 до 07.09.2022 поради несогласување со дел од барањата кои беа наведени како причини за штрајкот и истите беа донесени без консензус од трите здруженија на матични лекари – се вели во соопштението од Здружението кое беше испратено во јавноста во текот на минатата недела.