Едно лице почина на Инфективната клиника од вирусот на Западно-нилска треска. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) од почетокот на годината досега има вкупно 30 тестирања за западно нилска треска, од кои што 4 случаи се потврдени како позитивни, при што четвртиот случај завршил со смртен исход, информира денеска на прес-конференција директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска.
– Првиот случај е тестиран во април и човекот е од Струмица, импортиран од Кенија. Вториот случај е човек од Кочани, импортиран од Тунис, во јули тестиран во ИЈЗ. Третиот случај е тестиран во август, човекот е од Тетово и при епидемиолошката анкета не изјавува дека имал некакво патување. Четвртиот и последен случај е тестиран во ИЈЗ на 12 септември. Човекот е од Чешиново Облешево, бил хоспитализиран на Инфективната клиника и за жал истиот е починат. При епидемиолошката анкета, истиот дал податок дека не патувал никаде – рече Андоновска.
На прашањето какви симптоми имал, имајќи предвид дека завршил со смртен исход, Андоновска кажа дека од нивната епидемиолошка анкета се забележува дека човекот изјавувал дека имал вознемиреност, губиток на свест, температура и малаксаност.
– Можам да кажам дека Западно-нилската треска 80% не дава симптоми, 20% се со благи симптоми на грип, а кај помалку од 1% може да биде зафатен централниот нервен систем, што резултира со енцифалит или менингит, тоа се обично симптомите. Од она што е во нашиот домен на работа, можам да кажам дека ние поседуваме тестови за детектирање, односно за испитување и утврдување на Западно-нилска треска во моментов – рече Андоновска.
ИЈЗ во својот извештај наведува дека станува збор за 78-годишен маж и дека првите симптоми му се појавиле на 9 септември, при што имал намален апетит, малаксаност и покачена температура до 39 степени Целзиусови. Поради појава на вознемиреност, агресивност, афазија и губиток на свест, пациентот на 10 септември со возило од ИМП Кочани е пратен во КБ Штип каде што биле спроведени дијагностички невролошки процедури. Поради тешката состојба на пациентот и дијагностициран енцефалитис, во текот на истиот ден е упатен за УК за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје (КИБФС). Земени се примероци за микробиолошки анализи на повеќе причинители“, се вели во Извештајот.
Со серолошко испитување е добиен податок за присуство на антитела кон причинителот – WNV од вирусолошката лабораторија при ИЈЗ во серум и ликвор, односно потврдено е заболувањето Западно-нилска треска.
„Пациентот бил пензионер и се занимавал со земјоделство, а живеел во с. Облешево, Кочани. Според хетероанамнезата, пациентот не патувал надвор од државата, ни надвор од местото на живеење, во периодот на инкубација. Нема други лица од семејството со слични симптоми“, стои во Извештајот на ИЈЗ.
Во регионот на Кочани е забележано присуство на комарци. Согласно информацијата од надлежниот епидемиолог, во регионот на општина Кочани се спроведени активности за ларвицидна и адултицидна терестичка дезинсекција (усмртување ларви и возрасни комарци), додека во општина Чешиново-Облешево е планирана тендерска постапка, но досега не се спроведени активности за дезинсекција, известува ИЈЗ.
Оваа болест во земјава се регистрира со спорадични случаи, најчесто кај тестирани пациенти со невроинвазивна форма на болеста.