Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска во Народното собрание положи заклетва за втор, петгодишен претседателски мандат, јави дописникот на МИА од Белград.
Обраќајќи им се на пратениците и на гостите, тој рече дека негови приоритети во работата ќе бидат „мирот, стабилноста, независноста во одлучувањето, слободата на Србија, безбедноста, здравството, Европа, работата, работата и работата“.
Вучиќ рече дека интересите на туѓите амбиции „отсекогаш се вкрстувале“ низ Србија.
– Да ги конкретизирам работите, светот пред нашите очи секојдневно драматично се менува. Нападот врз Украина е пресвртница во меѓународните односи – рече тој.
Според него, Русија сакала да ја прекине доминацијата на западната моќ, а Западот да ја зачува светската доминација и да го заштити меѓународното право.
Вучиќ рече дека е горд на Србија која се однесува во согласност со принципите на меѓународното јавно право и која може недвосмислено и јасно да осуди, но се гордее и со фактот што во Србија, како што наведе, нема русофобија. или антизападно однесување. Како што кажа најмногу ќе се посвети на европскиот пат на Србија.
Тој додаде дека во согласност со тоа „доаѓаме до клучно политичко прашање за нас, а тоа е Косово, поврзано со украинската криза, кое ќе ни биде уште потешко да го решиме“.
– За да постигнеме компромис, ние мора да го бараме, да се бориме за него, да го заштитиме нашиот народ во Косово, да се грижиме за животите на нашите луѓе кои сè уште живеат на Косово и затоа мора да бараме компромис – рече Вучиќ.
Кога станува збор за односите со регионот, тој посочи дека Србија има „најблиски историски и најдобри можни односи со Унгарија, а односите со Романија, Бугарија, Турција и Грција во поширокиот регион се исто така многу добри“.
– Благодарение на иницијативата Отворен Балкан, веројатно имаме најдобри односи во историјата со Северна Македонија и Албанија, особено би сакал да им се заблагодарам на Српската православна црква и патријархот Порфириј за исклучително мудрите одлуки што ги донесе и со тоа придонесе за нашите блиски односи со Северна Македонија, и тоа е нешто што историјата, ваша светост, ќе суди – рече Вучиќ, обараќајќи му се на патријархпт Порфириј.
Вучиќ изјави дека очекува до крајот на јули да биде формирана следната Влада на Србија и најави дека „Србија ќе мора да се занимава со санкциите“.