За три децении тројно е намален бројот на лекари. Ако во почетокот на 90-тите години имало 18 илјади, сега има 6 илјади. Тоа се должи на одливот на здравствени работници, каде според проценките годишно си заминуваат 200 до 250 лекари, вели претседателот на Македонското лекарско друштво, доктор Горан Димитров.
– Низ годините бројката на лекари варирала, можам да ви кажам еден пресек, од минатиот век до сега. Бројката која била на почетокот на 20. век од 60-на лекари, која нараснала во 1990-тите на 18 илјади, сега се движи меѓу 6 и 7 илјади лекари, кои се медицински доктори. Тука не ги вбројуваме фармацевтите, стоматолозите – рече д-р Димитров.
За да се задржи кадарот, нагласи тој, потребно е да се направи добра регионализација, да им се обезбедат подобри услови за специјализација, за унапредување, за брзо вработување, со стипеднии уште додека учат медицина и да им се почитуваат желбите и визиите кои ги имаат младите луѓе во струката.