Синдикат на културата (СКРМ) регира на мерките и препораките за намалување на расходите донесени на седница на Владата. Синдикатот ја повикува министерката Бисера Костадинова-Стојчевска да каже дали ќе ги спроведе мерките и дали во тоа би значело намалување на платите на вработените во институциите од културата во време на голема инфлација и криза.
„Откако го добивме Извадокот од нацрт-записникот од 88-та седница на Владата на РСМ, како синдикат кој е еден од потписниците на Колективниот договор во културата, зачудени сме од предлог-мерките од страна на Владата во однос на Колективниот договор во културата, кој веќе трета година се применува со пропишана методологија за пресметка на плати, која од истава оваа социјалдемократска влада беше прифатена како прогресивна. Во време кога ЕУ поставува стандарди за 80 отсто покриеност на правата на вработените со колективни договори, секое менување и поистоветување со постоечки нефункционални пракси, кои во моментов генерираат проблеми кај различни категории на вработени во јавниот сектор, се во суштина уназадување на правата на вработените и како такви ги отфрламе. СКРМ остро застанува против Закон со кој би се утврдила методологија на пресметка и висина на плати, нешто кое треба да биде исклучиво преку Колективен договор. Сѐ друго е тоталитарен механизам, кој им дава максимална контрола на работодавците, а со тоа го убива социјалниот дијалог“, наведува СКРМ во реакцијата.
Според Синдикатот, методологијата на пресметка на плати на административните службеници е неприфатлива, фиксирана во Закон и до денес, откако е донесена, не соодветствува со реалноста. Законот за административните службеници постоеше и кога немаше Колективен во културата, наведува СКРМ, и пред негово потпишување.
„Па сепак, Министерството не направи ништо за да им ги покачи платите на овие вработени согласно пропишаната методологија во Законот. Искрено се радуваме што и синдикатите од другите дејности во јавниот сектор го препознаа Колективниот договор во културата како позитивен пример (минимална плата вредност на единица коефициент) за спирално покачување на сите плати согласно порастот на минималната плата, а со тоа и подобрување на животниот стандард согласно трошоците за живот. СКРМ остро ќе се спротистави на секаков обид за намалување на платите во културата и непочитување на КД и е отворен за соработка со сите останати синдикати кои имаат иста цел, одбрана на работничките права и постоење на социјален дијалог“, се наведува во реакцијата на СКРМ.