Министерот за надворешни работи Бујар Османи, на маргините на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Берлин, се сретна со неговиот црногорски колега Ранко Кривокапиќ.
Упатувајќи честитки за формирањето на новата Влада на Црна Гора и за изборот на Кривокапиќ на функцијата министер за надворешни работи, Османи ги потенцирал одличните партнерски и пријателски односи меѓу двете земји, изразувајќи уверување дека ова партнерство ќе продолжи и во следниот период.
– Северна Македонија и Црна Гора имаат исклучително добра и интензивна соработка, но и разбирање во однос на заокружувањето на нашите взаемни стратешки цели, кои со војната во Украина добиваат важна, ако не пресудна, безбедносна и геополитичка димензија – истакнал Османи, посочувајќи го взаемниот интерес за членство на двете држави во Европската Унија.
Тоа е процес, рекол Османи, кој е од регионален, па и поширок интерес, како важен инпут во создавањето на идната безбедносна архитектура и на Западниот Балкан и на Европа.
На средбата, како што соопшти Министерството за надворешни работи, биле разменети мислења за војната во Украина при што двајцата министри ја осудиле воената агресија на Русија, потенцирајќи дека станува збор за повреда на основните принципи на меѓународното право и сериозна закана за сигурноста на Европа.