За првпат по 1991 година објавена книга со превод на македонска поезија за деца на словенечки јазик

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

За првпат по 1991 година е објавена книга со превод на македонска поезија за деца на словенечки јазик. Деновиве, во Љубљана излезе од печат двојазичната книга „Смешна случка во зоолошка градина – Smešnica v živalskem vrtu“ со песни од македонски автори, со која преку креативни работилници, македонската литература за деца ќе биде присутна во градинките и основните училишта ширум Словенија.

 Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), изминативе години, меѓу другото, преку лекторската настава по литература на своите летни школи се залага за поттикнување поголем интерес на странските македонисти и слависти и за македонската литература за деца. Затоа, на неа е посветен и посебен дел од учебникот по македонска литература и култура за странци. Залагањата веќе резултираат со конкретни активности за поголема меѓународна афирмација на македонската литература за деца, како преку наставата на странските универзитети и истражувачки проекти на странските македонисти и слависти, така и преку книжевниот превод, при што објавувањето на книгата со македонска поезија за деца во Словенија е најновиот остварен издавачки проект.

 Песните објавени во книгата „Смешна случка во зоолошка градина – Smešnica v živalskem vrtu“ се преведени од студенти македонисти од љубљанскиот Филозофски факултет, под менторство на раководителката на љубљанската Катедра за македонски јазик и литература, проф. д-р Намита Субиото, а книгата содржи и предговор на младата словенечка македонистка, докторанката Бисерка Бобнар, која своите актуелни истражувања ги има насочено кон македонската литература за деца. Субиото и Бобнар и го имаат подготвено изборот на песни поместени во книгата.

 – Кога со колешката Бобнар ја истражувавме рецепцијата на македонската поезија за деца во Словенија, сфативме дека по 1991 година не е преведена ниту една поетска книга за деца од македонски автор. Затоа се решивме да се активираме и за почеток да подготвиме барем еден мал избор. Мило ми е што Македонското културно друштво „Македонија“ од Љубљана, како издавач ја прифати нашата идеја со отворени раце, истакнува професорката Намита Субиото, која е раководителка и на Одделот за славистика при Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана.

 Таа напоменува дека оваа книга може да послужи и како мини каталог преку кој потенцијалните словенечки издавачи ќе се информираат за квалитетот на современата македонска поезија за деца. Затоа, покрај промовирањето со креативни работилници за деца во словенечките градинки и првите одделенија во словенечките основни училишта, книгата ќе биде претставена и пред словенечките издавачи на литература за деца. Заеднички со МСМЈЛК при УКИМ, веќе се планираат и други активности поврзани со изданието и воопшто со афирмацијата на македонското литературно творештво за деца.

 Истовремено, веќе е забележлив зголемениот интерес за македонската литература за деца и во академската средина во Словенија, со научноистражувачка посветеност. Потврда за ова е и докторска дисертација пријавена на Универзитетот во Љубљана, која е во завршна фаза, а е посветена на заемната рецепција на македонската и словенечката литература за деца и млади, во поширок јужнословенски контекст. Конкретно, станува збор за дисертација на младата македонистка Бисерка Бобнар, која е и авторка на предговорот на книгата со македонска поезија за деца „Смешна случка во зоолошка градина – Smešnica v živalskem vrtu“.

 Во книгата се застапени песни од седуммина македонски автори: Николина Андова Шопова, Румена Бужаровска, Ана Голејшка Џикова, Владимир Лукаш, Владимир Мартиновски, Ванчо Полазаревски и Пандалф Вуклански.

 Инаку, покрај на Универзитетот во Љубљана, зголемен интерес за македонската литература за деца има и на други странски универзитетски центри, и тоа не само во рамките на наставата, туку и како истражувачки предизвик на странските книжевни проучувачи коишто се интересираат за македонската литература, и тоа особено на истражувачи од помладите генерации. Во периодов, активно се работи и на неколку нови преводи на македонски книги за деца на повеќе јазици, од кои дел се очекува да бидат објавени веќе во текот на следната година.

 Со објавувањето на книгата со превод на македонска поезија за деца на словенечки јазик се заокружува и чествувањето на големиот јубилеј 60 години македонистика на Универзитетот во Љубљана. Претходно, во текот на јубилејната година, во превод на словенечки јазик беше објавено и севкупното поетско творештво на првата современа македонска поетеса Даница Ручигај.

- Advertisement -
Ad image

 „Смешна случка во зоолошка градина – Smešnica v živalskem vrtu“ е седма книга објавена последниве години како резултат на посветеноста на книжевниот превод од македонски на словенечки јазик на Филозофскиот факултет во Љубљана, при што како што истакнува професорката Намита Субиото, интересот е насочен пред сè кон современата македонска литература.

 Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и кулура

при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

- Advertisement -
Ad image
Share This Article