Владата денеска на затворена седница ќе донесе одлука за нов пакет помош за Украина, најави министерот за одбрана Владо Мисајловски, на форумот во МНР по повод 75-годишнината од НАТО .
Мисајловски рече дека Македонија ќе се приклучи на барањата од другите земји членки на Алијансата и на ЕУ да продолжи да го помага одвраќањето на руската агресија во Украина.
Министерот не прецизираше што ќе содржи помошта за Украина. Тоа ќе биде соопштено по владината седница.
– Ќе продолжиме да помагаме. Затоа сме пријатели. Помош ќе има и во иднина според можностите на Македонија – порача министерот за одбрана.
Мисајловски најави забрзана модернизација на македонската армија, за што идната година одвојувањата ќе бидат над два отсто од БДП, што според министерот, е сериозна сума на пари.
Министерот посочи дека безбедносната состојба во Македонија е стабилна, но, постои ризик од активирање на балканската бегалска рута по последните воени случувања на Блискиот Исток.