По тековните меѓуетнички тензии со поставувањето на крстот на Попова Шапка, но и најавите од албанските политичари за промена на химната и албанска химна по општините со доминантно албанско население, свој коментар даде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски како одговор на новинарско прашање на „Само интервју“.
– Нема во Македонија албански општини, има само македонски општини. Сите тие општини се македонски, а бидејќи ние им даваме плата, граѓаните на Македонија, а Македонија ја дефинираат три основните симболи: знамето, химната и грбот. Не гледам ништо спорно ако се интонира македонската химна – вели Мицкоски.
Мицкоски даде споредба со турските малцинства во Германија или алжирско малцинство во Франција. Тој поентираше дека е неприфатливо албанска химна да се пее во која било општина на територија на нашата држава.
– Се додека живееме под еден чадор, на територијата на Република Македонија тогаш мора да ги почитуваме основните столбови на Македонија, а тоа се: знамето, химната и грбот. Дали тоа го сакаат или не, тоа е нивен проблем – дециден е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски за крајот се обрати до албанските политичари, особено на оние од опозицијата:
– Мојот совет до политичарите Албанци, посебно од оние во опозицијата. Да не подлегнуваат на етно-национализмот и шовинизам. Нема подоминантен од Али Ахмети во тој блок. Треба да влезат во порака каде има миграција и корупција, зошто фирмите блиски до ДУИ имаат милионски имоти – заклучува Мицкоски.
Мицкоски потсети дека и Албанците се селат, а заедно ги делиме проблемите со корупцијата и криминалот.
– Се додека добиваат плата од буџетот кој го полнат граѓаните на Македонија, Албанците мора да ги почитуваат основните обележја – вели Мицкоски.
За крај тој се осврна на Албанците политичари кои бараат нова химна и категорично ја отфрли ваквата идеја.
– Не само што не сум подготвен да разговараме за нова химна, туку тоа не треба да биде ниту тема за разговор – заклучува Мицкоски.