More

    За изборите ќе одлучува Централното претседателство

    spot_img

    Претседателот на Собранието на Алијанса за Албанците Зијадин Села во следните 24 часа ќе донесе одлука за свикување седница на ова тело по барањето на лидерот на партијата Арбен Таравари. Тој вчера од него побара поддршка за предизборно приклучување кон албанската опозиција. Како што дознава Алсат, седницата се очекува да се одржи во текот на следните неколку дена. Сепак, останува нејасно која ќе биде точката на дневниот ред во Собранието составено од околу 130 членови. Сè уште не се знае дали воопшто и ќе се разгледа барањето на Таравари или на маса ќе има други предлози. Од партијата не даваат објаснување. Велат дека дневниот ред ќе се дознае во моментот кога ќе се свика состанокот.

    – Во текот на 24 часа се очекува претседателот на Собранието на АА, Зијадин Села, да донесе одлука за свикување на Собранието, да го соопшти датумот на состанокот и дневниот ред – велат од Алијанса за Албанците.

    Таравари рече дека ќе ја почитува одлуката што ќе произлезе од партиското Собрание. Неофицијално се дознава дека мнозинството членови таму се на линија со него, за обединување со албанската опозиција.

    Вчера Таравари упати јавен апел до Собранието на Алијанса да го поддржи во неговиот пат да се приклучи кон Европскиот сојуз за промени и заеднички да го водат процесот, што тој го опиша како голема и долгоочекувана промена.

    – Непоколебливо верувајќи во моите сопартијци и во нашата заедничка визија, ја барам нивната доверба Алијанса за Албанците во изборната трка да биде со албанската опозиција и заедно да продолжиме да го правиме најдоброто за оваа земја! Повеќето луѓе читаат историја, но ретко добиваат шанса да ја напишат. Денес ја имаме оваа можност пред нас. Да бидеме ние тие што ќе ја напишат историјата – рече  Таравари.

    Ваквиот став на Таравари ја подели Алијанса за Албанците на два дела. На страната на Таравари се двајцата министри Азир Алиу и Фатмир Меџити, додека на страната на Зијадин Села за самостоен настап на изборите се министерот Кренар Лога и потпретседателите на партијата Елми Азири и Илире Даути. Поделеноста е очигледна и меѓу поддржувачите на Алијанса на социјалните мрежи. Ставот на Таравари пак, беше поздравен од челниците на Европскиот сојуз за промени.

    Нивните коалициони партнери во власта, пак, не сакаат многу да коментираат за бурата во Алијанса за Албанците. Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски кој деновиве се сретна со Таравари, тврди дека воопшто не разговарале за заеднички настап на изборите, а дека со Села не се ни сретнал.

    Вицепремиерот Бојан Маричиќ, пак, вели дека секој политички субјект има право да одлучи како ќе се позиционира пред изборите, но е оптимист дека на крајот Алијанса за Албанците ќе застанат на нивна страна.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img