Готова е нацрт верзијата на Законот за надворешни работи, кој што наскоро ќе биде презентиран пред јавноста во редовна постапка и којшто има за цел да ги интегрира новите формални надлежности коишто Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР и НТ) ги презеде со Законот за организација и работа на органите на државната управа.
– Излегуваме надвор од рамките на таа конвенционална политика и ќе работиме нешто многу повеќе од тоа што е економска дипломатија. Баш пред да бидам присутен на овој настан, бев на состанок на работна група во МНР и надворешна трговија каде што веќе имаме готова нацрт верзија на Законот за надворешни работи, кој што наскоро ќе биде презентиран пред јавноста во редовна постапка и којшто има цел да ги интегрира сите овие формални надлежности коишто се презедоа со Законот за организација и работа на органите на државната управа. И тоа е тоа што ќе ни овозможи полесно да ги ангажираме нашите дипломатско-конзуларни претставништва, за конечно тие да бидат поактивни и поангажирани во привлекувањето на инвестициите, но и во промовирањето на одредени извозни капацитети коишто државата ги има, за да создадеме повеќе работни места, повеќе добро платени работни места во државата – рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во рамки на Платформа: 100% посветени за тебе, на тема „Унапредување на дипломатијата и надворешната трговија, интеграцијата во ЕУ и дигитална трансформација“ што се одржа во Владата.
На настанот на кој учествуваат и министерот за европски прашања Орхан Муртезани и Стефан Андоновски, министерот за дигитална трансформација, Муцунски најави дека се работи и на спојување на Агенцијата на привлекување на странски инвестиции и Дирекцијата одговорна за ТИРЗ.
– Истовремено работиме на спојување на неколку агенции. Тоа е Агенцијата за привлекување странски инвестиции и Агенцијата која што е одговорна за ТИРЗ, односно Дирекцијата, во една институција која што ќе има надлежност усогласена со политиките коишто ќе се креираат во МНР и НТ, да ја промовира државата како потенцијална дестинација за привлекување инвестици, но истовремено таа една иста институција да соработува со сите други, со сите инвеститори по нивното присуство во државата. За жал, имавме до сега пристап еден којшто не овозможуваше најдобри услови за инвеститорите посебно по нивното доаѓање во државата. И затоа мораме да работиме на креирање добри политики од таа гледна точка. Јас гарантирам дека Министерството ќе биде креатор на политики коишто ќе обезбедат повисоки стандарди на ова поле, ќе имаме зголемен ангажман, нашите ДКП веќе од следниот период ќе бидат дополнително ангажирани – рече Муцунски.
Тој рече дека веќе имаат и голем број конкретни ангажмани коишто ги имаат преземено во последниот период, како разговори со повеќе инвеститори.
– Дел веќе се обврзаа за инвестиции во државата и работиме заедно со нашите стопански комори и со нашите претприемачи да ја промовираме македонската економија и сите извозни капацитети коишто таа ги има – рече Муцунски.