Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски најави зголемување на цените на угостителските услуги во владините објекти.
Томовски вели дека нема веќе „багатела“ јадење на државна сметка, како и дека во изминатиот период, јавноста често со право обрнуваше внимание на ниските и непазарни цени по кои се користеа угостителските услуги на (СОЗР) на Владата.
„Во таквите дебати особено беа апострофирани собранискиот и владиниот ресторан, каде цените на услугите и производите беа значително пониски од оние на слободниот пазар достапни за граѓаните. Излегувајќи во пресрет на овие оправдани повеќегодишни забелешки, како и во функција на натамошно рационализирање, на мој предлог како директор на СОЗР, Владата вчера едногласно усвои првична одлука за зголемување на цените на угостителските услуги за 50%“, информира Томовски.
Тој вели дека ваквото зголемување на цените не е прекумерно имајќи предвид дека претходно цените беа значително пониски во споредба со приватниот пазар.
Томовски најавува дека во периодот што следува, ќе се прават дополнителни анализи и секогаш кога ќе се јави потреба поради отстапувања од пазарните цени, ќе има корекции на истите.
„Важно е да се обезбеди еднаков пристап на сите услуги, но без привилегии за избраните функционери и раководниот кадар,“ вели директорот на СОЗР.