Во периодот јули – септември годинава во базата на Регистарот на цени и закупнини се внесени 7.491 трансакција, од кои 5.525 купопродажби на недвижности и 1.966 закупи на недвижен имот.
Бројот на купопродажби регистрирани во Регистарот во третиот квартал годинава во однос на истиот квартал лани е незначително намален, додека бројот на закупи е намален за пет проценти, покажуваат последните податоци на Агенцијата за катастар на недвижности.
Регистистрираните купопродажби се во вредност од 237 милиони евра при што 2.115 се на станови, во вредност од 128 милиони евра, 644 на куќи (40 милиони евра), 189 деловни простории (25 милиони евра). Исто така и 1.651 купопродажба на земјоделско земјиште за 15 милиони евра, 630 на градежно земјиште за 18 милиони евра, 178 гаражи во вкупна вредност од два милиона евра, покажуваат податоците на Агенцијата за катастар на недвижности.
Кај продажбите на станови во третиот квартал има зголемување во однос на вториот, кога имало 1.697 во вредност од 102 милиони евра.
Во третиот квартал од 2024 година најмногу купопродажби се регистрирани во септември, вкупно 1.923, додека во август се регистрирани најмалку купопродажби, 1.748.
Според Регистарот на АКН, во третиот квартал најмногу закупи се регистрирани во септември, 737, додека во август се регистрирани најмалку, 581. Регистрирани се 743 закупи на стан, 689 на државни парцели, 259 на куќи, 174 на земјоделско земјиште, 46 на индустриски објекти, 28 на градежно земјиште, 17 закупи на гаражи…
Регистрираните закупи се во вредност од 797.000 евра.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во септември оваа година, се издадени 296 одобренија за
градење, што е за 9,2 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 146 (49,3 проценти) се наменети за објекти од високоградба. Во извештајниот период е предвидена изградба на 755 станови, со вкупна корисна површина од 67.372 метри квадратни.