За 4 уапсени лица се бара притвор, под сомнение дека се терористочка организација под знамето на озогласената ИСИС.
Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска соопшти дека вчера во соработка со полицијата презеле акција во струшкиот и во гостиварскиот регион во која се уапсени 4 лица.
„По неколкумесечна предистражна постапка на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гоење на организиран криминал и корупција и Истражниот центар, како и истражители од Лабораторијата за дигитална форензика, во текот на вчерашниот ден во соработка со МВР беше спроведена акција во струшкиот и гостиварскиот регион. Притоа се приведени три лица од Гостивар и едно лице од Струга за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Терористичка организација од чл.394-а од КЗ. Според содржината од Наредбата за спроведување на истражна постапка, првоосомничениот, 21-годишен гостиварец, на почетокот на оваа година создал и активно координирал терористичка организација/ќелија, во која членуваат останатите осомничени и други НН лица од државата и од странство“, соопшти Јавното обвинителство.
Организацијата, се додава, со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС имала намера на изведување на терористички акт на цивилни – меки цели и на јавни објекти.
„Првосомничениот во почетокот на 2024 година формирал повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм каде искажувал целосна подготвеност и намера за извршување на терористички напа. Тој поттикнувал и други лица за извршување на терористички напади во Европа. Во групите споделувал претходно набавен и преработен – преведен пропаганден материјал на ИСИС, регрутирајќи нови членови, правејќи обиди за набавка на огнено оружје, како и споделувајќи упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа ќе бидат искористени за извршување на терористички напади“, информира Обвинителството.
Со оглед на кривичното дело што им се става на товар, околностите, како и фактот дека се исполнети условите за определување на мерката притвор, јавниот обвинител на судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје денеска му предложи на осомничените да им биде определена мерка притвор во траење од 30 дена, додава ЈО во соопштението.
За делото терористичка организација според Кривичниот аконик е предвидена казна од најмалку 8 години затвор.