„Не знам што ме прашувате“, „што сум јас должна да знам чиј бил амонијакот“, „си има лаборатории и тестови“…
Ова се дел од одговорите на министерката за животна средина на Србија, Ирена Вујовиќ, во врска со инцидентот во Пирот во кој две лица починаа, а над 50 се хоспитализирани, пренесува Нова. Ноншалантните одговори ја зачудија јавноста и новинарите, а еве што таа рече за 20-те тони амонијак.
– Знаете ли колку амонијак „Еликсир“ (група од Шабац, во чија сопственост е товарот што го превезуваше возот што излета од шините кај Пирот) складирал и колку долго? – праша новинарот.
– Има извештаи од увид – одговори Вујовиќ, а на констатацијата на новинарот дека мора да знае, министерката рече:
– Што сум јас должна да знам, и не само за него, туку секој, во цела Србија, има според своите капацитети и складишта, лаборатории, тестови, она што го кажува инспекцијата.
Новинарот повторно рече дека железницата не можела да ја носи таа количина товар, а Вујовиќ одговори: „А што, јас треба да ја мерам количината?“
Министерката потоа продолжи:
– Не знам што ме прашувате, што значи тоа за количина, кој требаше да оди да ја измери количината, кој влегол во вагонот, само кажете ми.
На прашањето кој ја мерел количината, таа рече:
– Па, веројатно карго.
– Кој им дозволува? – праша новинарот, на што Вујовиќ одговори:
– Ајде, навистина сте несериозни. Прашајте ме мене нешто како министер за заштита на животната средина што е адекватно, сега губиме време, кажавте дека кратко одговараме.
Министерката Вујовиќ не застана, туку продолжи со вербалниот конфликт и на новинарот кој ѝ поставуваше прашања му дофрли дека некој му кажува што да ја праша, пренесува Нова.
– Ако оние колеги кои ви праќаат прашања што ги читате од телефон се чудат зошто министерката денеска не е на локацијата, тоа е така затоа што не можеме според закон, а и тие што можат според закон денеска не смеат да бидат таму поради Обвинителството кое е на терен. Навистина ми е жал и колегите пратеници сигурно ќе се загрижат зошто не сум на локацијата – изјави Вујовиќ.