Западот брза што поскоро ја заврши „сагата” за Косово и во тоа нема да бира начин, ијзави вчера претседателот на Србија Александар Вучиќ за ТВ Прва, додавајќи дека претставниците на тнр. „Квинта“, петте најмоќни земји инволвирани во решавањето на косовскиот проблем, побарале итна средба со него, која ќе се одржи денеска. Во оваа група свои поретставници имаат Франција, Германија, Италија, Обединетото Кралство и Соединетите американски држави.
Српскиот претседател рече дека е можно денеска да добие текстот кој беше објавен во косовските медиуми, каде се споменува дека до 24 февруари мора да се постигне дел од договорот – прелиминарен договор меѓу Белград и Приштина, или ќе следи „жесток ќотек”.
Вучиќ рече дека се надева оти формулацијата „жесток ќотек” е констатација на авторот од тој медиум и дека претставниците на „Квинта“, нема да му дојдат со тоj текст бидејќи „би му било тешко да им даде пристоен одговор”.
Вучиќ рече дека „ништо не се одбива однапред”, но дека „хартиите” што ги добил досега биле „нешто многу тешко за Србија” и „не ни давале шанса да прифатиме”.
Претседателот на Вучиќ рече дека не е исклучено да поднесе оставка од функцијата претседател на Србија како дел од тактиката за „купување време за земјата” доколку се наметне неприфатливо решение за косовскиот проблем.
– Пристапувам на сè со желба да изнајдам решение, но во овој момент не го гледам, ни за што точно да разговарам, не ни дадоа шанса од она што го видов досега – изјави Вучиќ.
Тој кажа и дека никогаш не се заколнал дека нема да воведува санкции кон Русите.
– Не знам дали ќе нè принудат, но ние издржавме осум месеци – рече Вучиќ, наведувајќи дека некои рекле дека ќе ги воведе веднаш по изборите.
Како што наведе, „додека нема егзистенцијална закана за Србија, ние нема да воведуваме санкции, ќе водиме политика на независност и политика утврдена со нашиот заклучок на Советот за национална безбедност”.
– Доколку Србија биде егзистенцијално загрозена, ќе им се обратам на граѓаните и ќе кажам дека мораме поради ова и она. Но тој момент не е дојден – рече Вучиќ.
На прашањето дали Русија ќе има разбирање доколку Србија ѝ воведе санкции, тој одговори негативно, додавајќи „никој за нас нема разбирање”.