Припадниците на полицијата на Курти денеска во синхронизирани акции упаднаа на повеќе места во Метохија. Тоа се случило околу 11 часот, кога упаднале во повеќе привремени власти во Приштина, Пеќ, Гораждевац и Исток, и во Осојан во Здравствениот дом, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
– Нападнати се сите српски енклави во Метохија – рече Вучиќ.
Тој рече дека косовските полицајци малтретирале луѓе пред аптеки, а упаднале и во Здравствениот дом во Осојан каде малтретирале луѓе.
Партијата на косовските Срби – Српска листа наведува дека „заедно со бруталниот упад на десетици вооружени специјални сили во мирните српски села, режимот на Курти врши етничко чистење на српските заедници на Косово и Метохија“.
Од таа партија велат дека сето тоа се случува додека „Европската унија молчи, а КФОР никако не реагира“, иако, како што додаваат, има обврска да го штити мирот, безбедноста и слободата на сите граѓани, без разлика на националноста.
Во соопштението на Српска листа се нагласува дека Курти презема вакви акции користејќи ја „пасивноста на западните центри на моќ, кои српскиот народ ги смета за директни соучесници во овие антисрпски акции на режимот во Приштина“.
Вучиќ на прес конференција во Белград ги поврза овие напади на полицијата со одлукат ана Приштина да го забрани српскиот динар на територијата под нејзина контрола.
– Одлуката за укинување на динарот е само формална одлука на таканаречената Централна банка на Косово, а во суштина тоа е одлука на Албин Курти да се закани со прогон на Србите, со најсилниот удар досега, протерувањето на Србите од нивните со векови стари огништа – рече Вучиќ.
Како што рече, Курти сака етничко чистење на српското население.
– Она што го прави Приштина е намерно подложување на Србите на неподносливи услови за живот – вели тој.
Како што рече, кога станува збор за укинувањето на динарот, од првиот бриселски договор до принципите што беа потпишани во 2015 година, до подоцнежните договори, во секој од тие акти најзначајна норма е правото на Република Србија да се финансираат одредени активности, здравство, едукација на населението на КиМ.
– Оваа одлука Курти ја донесе самоиницијативно со цел етничко чистење на српското население од Косово и Метохија. Тоа го прават секој ден, не можат да се смират и разбираат дека дијалогот е важен. Имаме и дијалог бидејќи Косово не е меѓународно признаена држава – вели Вучиќ.
Во овие свои намери, смета Вучиќ, Курти очекува поддршка од Западот.
– Имаме дијалог кој треба да доведе до нормализација на односите, а не етничко чистење што го имаме – рече Вучиќ.
Вучиќ се осврна и на реакциите на меѓународната заедница за одлуката за укинување на динарот на Косово и Метохија, велејќи дека тие се малку поинакви. Како што наведе, „ако внимателно ги следите нијансите во тие реакции, ќе видите дека дури и американската реакција е нешто посилна од реакцијата на Европската Унија“.
– Верувам дека западните партнери ќе си го одржат зборот и ќе се обидат да се изборат за елементарните права на српското население – посочи тој, додавајќи дека имал средба со нив и дека нема друг избор „освен да се надеваме и да веруваме во што ни е кажано“.
Како што рече, Србија ќе поднесе барање за итна седница на Обединетите нации за Косово.
Во понеделник сите претставници на земјите-членки на ЕУ и институциите на ЕУ и претседателите и премиерите на земјите-членки на Советот за безбедност на ОН, вклучително и Русија и Кина, ќе добијат писмо што тој ќе го потпише. Во него, вели, ќе укаже на акти на кршење на меѓународните правни норми и на она што Србија го бара од меѓународната заедница.
Во согласност со Повелбата и деловникот на ОН, Србија во понеделник ќе поднесе барање за одржување итна седница на Советот за безбедност на ОН во врска со ескалацијата на потезите на Приштина.
– Се надевам дека мнозинството ќе гласа за тоа и дека седницата ќе се одржи. Нема да ги напуштиме меѓународните правни норми – рече тој.
Вучиќ додаде дека верува оти тие што ја признаа независноста на Косово сега ќе гласаат и за таа седница да се одржи, бидејќи, како што рече, убеден е дека „добро ги разбираат последиците од криминалната одлука на Албин Курти да ги откаже платежните трансакции со Србија“. .
На оние кои, како што рече, го обвинуваат Белград за насилствата извршени од Приштина, им порача дека таканареченото Косово прогласи независност, со поддршка на големите сили, во 2008 година, а не во 2013, 2018 или 2023 година.
– Сето тоа време успеавме да го одржуваме српскиот живот, максимално, на неговите огништа, плативме огромни пари, се боревме за нашиот народ. Мојата порака до тие луѓе е дека ќе продолжиме да се бориме, дека никогаш нема да ги оставиме на цедило, дека во согласност со Повелбата на ОН, во согласност со Уставот на Република Србија, Република Косово е дел од нашата земја, а за нас секогаш ќе биде – истакна тој.
Тој изнесе податоците дека на Косово и Метохија се вработени 31.831 лице, а има 29.115 пензионери. Исто така, вели дека има и социјални бенефиции, кои Србија ги презела за да обезбеди основни услови за живот на Косово и Метохија.
– Само за социјални надоместоци месечно се издаваат по 350 милиони динари. Има и студенти и стипендии, како и народна кујна. Она што е важно е да не доцниме ниту еден ден исплати за сите тие групи со години – рече Вучиќ.
Како што рече, во општина Пеќ има 650 Срби, а во локалната самоуправа се вработени 192 лица.
– Прашање е како и на кој начин ќе можат нормално да живеат. Во локалната самоуправа и општина Исток има 90 вработени и ангажирани на работа, во Здравствениот дом во Исток 44, а вкупно 540 жители.Во Видање, во Клина, 62 жители, вкупно 120 жители – рече Вучиќ, додавајќи дека „тие луѓе немаше да имаат шанса за опстанок, без државата Србија и нашето финансирање“.
Тој рече дека Србија ќе направи сè за да обезбеди Србите да преживеат на Косово и Метохија“.
– Државата ќе најде решенија да ги плати парите на нашиот народ и нашиот народ не треба да се грижи. Иако не е лесна ситуација, ќе работиме и со меѓународните партнери, а владата има огромна недоверба кон Приштина и од нејзините потези сите разбираат дека само едната страна сака ситуацијата да ескалира – посочи претседателот на Србија.