Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оцени дека денешната показна вежба на припадниците на Војската на Србија на Пасуљански ливади била многу добра и најави нови инвестиции во воена опрема, особено во беспилотни летала, јави дописникот на МИА од Белград.
– Целта на денешната вежба беше координација меѓу беспилотните летала и позициите за гаѓање на теренот за побрзо истрелување на проектили и за погодување на цели подобро, побрзо и попрецизно, бидејќи треба да се има предвид дека голем дел од нашите припадници на Војската на Србија досега немале контакт со нови средства, со оваа воена опрема и оружје. Денеска се виде колкаво засилување има за војската, пред сè, кога користиме беспилотни летала, особено кинескиот Ć-9 – рече Вучиќ по присуството на показното гаѓање во рамките на последната фаза од обуката на припадниците на Војската на Србија со ново воведеното оружје и воена опрема во воениот комплекс „Пасуљански Ливади“.
Денеска, додаде тој, се виде какво засилување има при користење дронови, особено кинеските дронови кои ја погодија целта оддалечена 7.500 километри.
– Уште повеќе ќе инвестираме во дронови во наредниот период. Очекуваме да пристигнат првите количества беспилотни летала камикази што ги нарачавме и набавивме пред крајот на оваа година, а ќе продолжиме да инвестираме преку Воено-техничкиот институт во сопствено производство на беспилотни летала, како оние за надзор, така и оние што ќе носат тежок товар, и проектили и тешки бомби – порача српскиот претседател.
Вучиќ се пофали и со оклопните транспортери, новите Лазар III, нивната висока прецизност, тенковите, новата модуларна пушка.
– Лазар има подобар калибар од НАТО и советските… Ќе треба да работиме на малиот Милош – кажа тој.
Вучиќ рече и дека на новите хамери што Србија ги купила од САД поставиле дел од своја противоклопна опрема и дел од руска и западна.
– Видовте уништување на непријателски тенк на растојание од повеќе од 4 километри. Ова ви го кажувам затоа што нашиот Генералштаб постојано ја следи Украина и учиме од нивното искуство – рече Вучиќ.