Српскиот претседател Александар Вучиќ упати смирувачка порака пред неговото заминување во Брисел каде што треба да има средба со косовскиот премиер Албин Курти.
– Нема да има капитулација, Србија ќе победи. Ниту ќе има капитулација, ниту ќе има враќање во деведесеттите. Србија ќе оди напред, ќе успееме да се бориме. За 15 минути заминуваме за Брисел да ги завршиме последните подготовки. Сакам да му се заблагодарам на оној дел од Србија кој има доверба во својот државен врв и кој верува дека ќе направиме сѐ што е најдобро за нашата земја – изјави Вучиќ преку својот Инстаграм профил.
Потоа, тој додаде:
– Тие што однапред се подготвуваат да нѐ нападнат дека ќе потпишеме нешто, затоа што така ќе бидеме предавници, а однапред знаат дека сме виновни и дека се враќаме во деведесетите, можам само да им кажам да не се грижат – изјави Вучиќ.
Вучиќ и Курти ќе се сретнат во Брисел, а се очекува на маса да се најде и европски предлог за решавање на косовското прашање, поддржано од САД.
Како што е најавено, двајцата прво ќе се сретнат одделно со шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел и со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак.