Српскиот претседател Александар Вучиќ ја критикуваше одлуката на косовскиот премиер Албин Курти да го постави Ненад Рашиќ за косовски министер за заедници и враќање. Вучиќ ја нарече Рада Трајковиќ, која беше поставена за советничка на Рашиќ, „српско ѓубре од дното на кацата”, додека на Курти му даде епитет „терористичко ѓубре”, јави дописникот на МИА од Белград.
– Изборот на Рашиќ, човек кој освои помалку од еден процент, како и на Рада Трајковиќ, која беше на неговата листа, покажува дека тие сакаат прогон, протерување и исчезнување на Србите на Косово и Метохија. И сега имам неколку работи да кажам, пред официјалното обраќање и средбата со Вархеји (најавена за утре), ако до тоа некогаш воопшто дојде – изјави Вучиќ во вечерашното телефонско вклучување во програмата на ТВ Пинк.
Тој додаде дека од Рашиќ и Трајковиќ „нема полоши” и дека ја немаат довербата на Србите во Косово, „туку довербата на западните агенции и терористичкото ѓубре Курти”.
Тој ја нарече срамна реакцијата на ЕУ за именувањето на Рашиќ и нагласи дека поради ова српската делегација нема да учествува на самитот на ЕУ – Западен Балкан во Тирана на 6 декември.
Обраќајќи му се на Курти, Вучиќ му порача „да води сметка да не повреди ниту еден Србин, заедно со квислинзите што ги избрал”, бидејќи Србите заедно со државата Србија „ќе знаат како да одговорат”.
По ваквата срамна изјава на ЕУ, само уште една во низа, Србија веќе нема никаква потреба да учествува на самити за Западен Балкан. ЕУ или ќе ги почитува вредностите што ги пропагира или Србија веќе нема да има потреба да учествува во оваа фарса, порача и српската премиерката Ана Брнабиќ во соопштението на Владата.
Брнабиќ вечерва реагираше на изјавата на портпаролот на Европската Унија, Питер Стано, за именувањето на Ненад Рашиќ за министер во Владата на Косово.
-Оваа реакција е срам за ЕУ. Затоа ја прашувам ЕУ – каде се тие европски вредности, каде е демократијата, каде исчезна владеењето на правото – праша српската премиерка.
Стано, во име на ЕУ ги повика двете страни да работат во согласност со обврзувачките договори за дијалог.
-Ги повикуваме двете страни итно да работат на враќање на косовските Срби во сите косовски институции, во согласност со обврзувачките договори за дијалог, а сите заинтересирани страни да се воздржат од каква било акција што би довело до зголемување на тензиите во и онака кревката безбедносна состојба – порача Стано.