Помниме тензии и недоразбирања во односите меѓу независна Македонија и Србија во овие три децении. Можеби проблеми ќе има и во иднина. Никогаш не се знае…
Но, изјавата на денот на овој Илинден ја изговори српскиот претседател Александар Вучиќ после средбата со македонскиот колега Стево Пендаровски во манастирот „Прохор Пчински“, кадешто на 2 август 1944 година, на историското заседание на АСНОМ, е основана македонската држава.
Од подолгиот исказ на видно расположениот Вучиќ, го издвојуваме овој дел:
„Навистина бев воодушевен утрово кога тука видов луѓе од Македонија кои зборуваат на македонски јазик. Ние Србите, како што знаете, ги сакаме Македонците и го сакаме македонскиот јазик и не мислиме дека не постои или не знам што. Напротив, одлично го разбираме македонскиот јазик како што знам дека и вие го разбирате и го зборувате српскиот јазик. Немам никаков проблем да кажам дека ние сме не само пријатели, туку дека како народ имаме братски односи и во секој случај, верувам дека тие односи и натаму ќе се развиваат”.
Средбата меѓу Вучиќ и Пендаровски мина во исклучително пријателска атмосфера, а двајцата претседатели во една винарија во Врање се согласија дека меѓу двете држави сега постои само едно отворено прашање – чие вино е подобро.
„Браќо Срби, ми вас волимо!“
Не беше така пред шест години, кога македонската влада на чело со Зоран Заев, го промени својот став во врска со приемот на Косово во УНЕСКО. Односите меѓу двете земји нагло се влошија.
Тензиите кулминираа ненадејно, без објаснување, кога беше повлечен целиот персонал од српската амбасада во Скопје. После тоа, највисоките функционери на Србија изјавија дека имаат докази за навредливо разузнавачко дејствување на Македонија против Србија и нејзините институции и дека во целата приказна е вмешан и странски фактор.
Српските медиуми уште во мај 2017 година лансираа приказна за постоење „македонско сценарио“ за уривање на владата на Вучиќ, чии главни актери се Зоран Заев и неговите двајца српски пријатели. Едниот беше бизнисменот Александар Родиќ, тогаш газда на српски „Курир“ и човек со политички амбиции, кој тогаш купи 50 отсто од уделите во македонскиот дневен весник „Слободен печат“. Вториот беше естрадниот менаџер Башановиќ, кој стана советник на Заев и подоцна се „прослави“ и како пријател на шоуменот Боки 13, поврзано со аферата „Рекет“.
Едно тогашно интервју на Заев во српскиот „Курир“ беше повод за хајката што почна во српските медиуми. Порталот Информер тогаш пишуваше: „Пред повеќе од една година Родиќ преку Башановиќ стапи во блиски контакти со Заев и го презема ‘Слободен печат’, најверојатно со пари од албанските финансиери на СДСМ. Затоа сега таму објавува плукачки текстови против Србите и ги велича Заев и неговите албански газди. Се зборува декза возврат добил многу пари, веднаш на рака во кеш, а остатокот требало да го добие преку маркетиншки работи штом Заев ќе формира влада. Не е случајно што Заев токму на Курир.рс го даде она интервју во кое ја плука бладата на Србија. Зад сѐ стојат милиони евра кои албанските бизнисмени блиски на терористичките организации ги дадоа за валканата кампања во Македонија. Нивната крајна цел е Голема Албанија, а најцрно во сето тоа е што им помагаат и овие продадениве Срби“.
За љубов на вистината, дел од овие информации не беа неточни, но лага беше тврдењето дека „Слободен печат“ води антисрпска кампања за сметка на албанската кауза. Како што беше претеран и неоправдан стравот од „македонско сценарио“ со учество на Заев и на неговите српски пријтели. „Слободен печат“ прво одговори со контранапад и со подбивање со овие тези, но кога работат стана пресериозна и кога весникот стана главна мета на кампањата на српските медиуми, уредништвото одговори со насловна страница којашто преку ноќ ги „разоружа“ напаѓачите. Тоа беше оваа насловна страница од 23 август 2017 година:
Истиот ден почна и дијалогот меѓу Вучиќ и Заев за нормализација на односите. Тензиите брзо спласнаа, а Вучиќ во свој стил ја смири и медиумската кампања. После извесно време Родиќ ги изгуби своите позиции во Србија, а својот удел во „Слободен печат“ го предаде на друго лице. Башановиќ се притаи во кабинетот на Заев. Македонскиот сопственик на половина од уделите, активен член на српската заедница во Македонија, можеше да здивне, откако неколку месеци беше како меѓу чекан и наковална. Патем речено, се смири и Заев и потоа, како докажан полиглот, почна обилно да зборува на српски јазик со муртински дијалект…
Бугарите треба да учат дипломатија од Србите
Од тие настани во летото 2017 година, откако Заев се консолидираше на државното кормило, односите меѓу Белград и Скопје тргнаа по нагорна линија. Познавачите велат дека најголемата заслуга за тоа му припаѓа на српскиот претседател, кој конечно сфати дека обврските на македонската влада кон западните партнери, дури и во поглед на Косово, не треба да бидат причина Белград да не ги обнови и развие традиционално добрите, пријателски, та дури и братски односи, како што вели Вучиќ, меѓу Србија и Македонија и меѓу двата народа.
Во таа смисла, се смета дека не е безначајно и неговото влијание за решавање на спорот меѓу СПЦ и МПЦ, а македонскиот народ народ сигурно нема да ја заборави дарежливоста на Србија во екот на пандемијата, кога илјадници Македонци се вакцинираа со вакцини добиени на подарок од нашиот северен сосед, а многу од нив и во српските градови.
Чекор по чекор, а особено после иницијативата Отворен Балкан, Вучиќ ги подигна односите меѓу двете земји и меѓу двата народа на највисоко можно ниво. Оттаму и неговата самоувереност со која во „Прохор Пчински“ и во Врање тој демонтрираше повеќе и од воздржаниот Пендаровски.
„Бугарите треба многу да учат дипломатија од Србите и од Александар Вучиќ. Направи гест и го пречека претседателот Пендаровски во Прохор Пчински, ни го честиташе Илинден на македонски јазик и нагласи дека македонски јазик има и се радува кога го слуша. Затоа ва сите истражувања Македонците гледаат во Србите најголеми пријатели. А над 50% ги сметаат Бугарите за непријатели. Ништо чудно, кога дури и за Илинден, Румен Радев наместо да испрати човечка и пријателска порака, најде за сходно да провоцира. Можеше Софија да ја има улогата што сега ја има Белград, ама не ги бива“, напиша на Фејсбук искусниот новинар Атанас Кировски.
Бугарските политичари на 2 август водеа кампања на докажување дека Илинденското востание било бугарско. Претседателот Румен Радев на Пендаровски му упати една непристојна честитка, кој, според мислењето на многумина, требаше да се отфрли како отворена провокација. Општо земено, македонските државни раководители во говорите упатуваа суптилни пораки за гласање на уставните промени и отворени закани дека земјата ќе падне во изолација и дека ни се заканува емигрантски бран ако тоа не се случи. Во сенка на таа реторика останаа пораките за значењето на Илинден.
(ВОЗНЕМИРУВАЧКО ЧЕТИВО) ЕВЕ КАКО НА ИЛИНДЕН ГЛЕДА ПРВОТО ПЕРО НА ПРОПАГАНДАТА НА СДСМ
Ако се исклучи првиот коњички марш на чело со Миле Зечевиќ, духот на државната прослава на Илинден оваа година најдобро го опиша првото перо на сдсмовската пропаганда, Бранко Тричковски. Тој на Фејсбук напиша:
„А, бе, каква Крушевска република, какво Востание, каков Илинден, каков ран европеизам, каков мултикултурализам од пред 120 години, кога денеска се стискате во уставот да ги турите Бугарите?
Бугарите, еј!
Тие што не ве туриле во својот устав ама ве туриле во својата држава кога ви било најтешко.
Стотици илјади.
Добро, станале државни Бугари, обаче какво од това.
Што можеле друго да бидат.
Мртви!
Да ги оставиме дебатите дали востанието било бугарско или македонско, јас мислам дека било и бугарско и македонско, но нацијата која одбива по цена на својот живот да ги внесе Бугарите во уставот не заслужува да одбележува ништо!
Може нешто на скара, со пиво и смедеревка со пелистерка, но за историја и иднина – ќут!“